Рејхан Дурмиши: ,,Изјавите на премиерот Ковачески не се воопшто наивни и паушални – Торбешите мора да влезат во Уставот и Преамбулата на Република Северна Македонија!“
Од периодот на прогласувањето на својата независност поточно од 1991 година, Република Северна Македонија никогаш не ги криела своите амбиции и аспирации за влез во Европската Унија. Повеќе од 30 години државава поминала низ разни препреки и бариери сѐ со една цел – да се приклучи на големото европско семејство.
На почетокот се чинеше дека спорот околу името Македонија кој го имавме со Република Грција беше единствената барикада за влез на РСМ во ЕУ. После долгогодишните напори за решавање на овој спор конечно беше решен. Имено, во 2018 година тогашниот Министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, заедно со неговиот грчки колега Никос Кпѕијас, го потпишаа т.н Преспански договор со кој, Република Македонија го смени своето име во Република Северна Македонија. Договорот ја раскинува Времената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Тој треба да биде решение за спорот помеѓу Грција и Македонија и да воспостави стратешко партнерство меѓу двете држави.
Да потсетиме, за промена на името на Република Македонија во Република Северна Македонија беше распишан референдум кој помина неуспешно но потоа истиот тој ги помина собраниските филтри и наиде на негово изгласување.
Со потпишувањето на овој договор за првпат во нашата држава имавме промена на уставот.
И се чинеше дека сѐ е готово и дека Република Северна Македонија конечно е пред портите на ЕУ.
На 19 јули 2022 година како бомба одека вестта од Западен Балкан дека Република Северна Македонија ги отвори пристапните приговори за членство во европското семејство. РСМ по вторпат доби вето, овојпат од Бугарија. Бидејќи Бугарија е веќе членка на ЕУ, тоа ѝ дава авторитет да поставува услови на оние членки кои сакаат да се приклучат во ЕУ.
Имено, Бугарите најпрвин почнаа да ја негираат македонската нација и јазик што предизвика големи иритации кај Македонците а меѓусебните односи меѓу двете земји драстично се влошија. Освен ова се водеа и жестоки полемики за потеклото и ,,сопственоста“ на некои значајни историски личности. Македонскиот национален херој Гоце Делчев беше чест мотив за реперкусии и дискусии меѓу двата народа. Ова не застана тука – Бугарија побари и бугарското малцинство кое живее во РСМ да биде составен дел од Уставот и Преамбулата на РСМ.
Ова барање на Бугарија ги ,,разбуди“ и другите малцинства и етнички групи кои живеат во РСМ да ги побараат своите права и да бидат составен дел од Уставот и Преамбулата на РСМ.
Најгласни во врска со ова прашање изминатиов период се Торбешите кои децении наназад маки мачат да си ги остварат своите права.
Пред извесен период и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија најави дека, доколку Уставот се отвори за Бугарите, во истиот миг и Торбешите ќе бидат составен дел од истиот.
А кои се Торбешите и какви права бараат?
Ова беше прашање кое нѐ заинтригира на нас како портал па, екипата на ,,Во Центар“ имаше интервју со господинот Рејхан Дурмиши – Претседател на културно-научен центар ТОРБЕШКИ МОСТ, и поранешен пратеник во Владата на РСМ од политичката партија ПЕИ.
Во продолжение може да го прочитате интервјуто.
- Почитуван Рејхан Дурмиши, ќе може ли накратко да ни објасните кои се Торбешите?
Торбешката популација од век и памтивек живеела, творела и опстојувала на овие простори. Практично и со самиот факт дека единствена матична држава на торбешката популација е Република Македонија, сега РС Македонија, следствено на тоа можам да кажам дека Tорбешите се луѓето со исламска религија, единствени во РС Македонија како такви, ( во другите етникуми се јавуваат по две или повеќе религии ) со свои специфични етнички, јазични и културни карактеристики. Торбешите поседуваат свој идентитет, што подразбира припадност на самите себе. Tој идентитет низ историјата, во повеќе фази низ кои поминувало ова население во овие простори не претрпел дисконтиниутет, што значи – Торбешите постојано биле Tорбеши, било да се третирани како такви одвнатре, од самите себе, или однадвор или од од другите околу нив.
- Според последниот Попис на населението во Република Северна Македонија, 4174 граѓани се попишале како Торбеши. Дали оваа бројка е точна судејќи според реалната слика на населението и што влијае врз неа?
Така е, на последниот попис кој се одржа во Република Северна Македонија како Торбеши се изјасниле 4.174 граѓани како резидентно население, т.е. граѓани кои живеат тука. Според наши податоци како нерезидентно население, во дијаспората попишани се 1.843 Торбеши, така што вкуниот број на попишани Торбеши изнесува 6.017 граѓани.
Пописот е најсериозна статистичка операција, за жал во нашата држава 20 години не беше спроведен попис и добро е што конечно се направи, секако со успешно реализирана ваква обемна и сложена статистичка операција, државата ќе може многу поефикасно и поефективно да го предвидува својот раст и развој.
Секако едно од најекспонираните и најдискутираните прашања околу пописот беше и прашањето на БРОЈКИ, т.е. колкава е бројката на население кое се попишало по етничка припадност. За нас овој дел беше од исклучителна важност со оглед дека за првпат имавме можност да се попишиме тоа што сме или тоа што се чувствуваме. Бројката од 4.174 ТОРБЕШИ како резидентно население може секако да се толкува, била мала, можело и многу повеќе да се попишиме, не имало многу повеќе и сл.
Јас лично сметам дека ТОРБЕШИ по потекло, во Република Северна Македонија има далеку многу повеќе, но и оваа бројка е реална основа ние да бараме да бидеме дел од новиот Устав на нашата држава и еднаш засекогаш да си ги оствариме нашите права, како и сите други набројани заедници во Преамбулата на Уставот на РС Македонија.
Можам уште да кажам дека од наша страна се забележани и нотирани многу влијанија врз етнички Торбеши дека не треба да се попишуваат како ТОРБЕШИ, велејќи им дека нема таква графа, џабе би се попишувале и сл. Затоа јас сакам најискрено да им честитам на овие луѓе кои си останале на своето и кажале тоа што се, создавајќи огромна можност за наше целосно признавање. Впрочем ние за првпат во самостојна Република Северна Македонија имавме можност да се попишеме тоа што сме или тоа што се чувствуваме дека сме и на овој начин најдиректно се докажува и нашето постоење во оваа држава.
- Со години Торбешите упатуваат апели до Државната власт и државните институци со цел да бидат дел од Уставот и преамбулата на РСМ како посебен етничка заедница. Дали државата воопшто има слух за Вашите барања?
Како што потенцирав и погоре, Торбешите немаат друга татковина, ние во РС Македонија не сме дојдени од никаде, ние сме тука од век и памтивек, Македонија ни е сѐ што имаме и за тоа искрено и чесно твориме и работиме. Торбешите се мирен и тродољубив народ кој си ја сака државата. Следствено на тоа и државата треба да им подаде рака на овие нејзини граѓани. Сакам да бидам брутално искрен и да кажам дека многу малку нашата држава ни пружила рака и искрено не поддржала.
Секогаш кога ќе имало некаква наша конкретна иницијатива со цел наше промовирање, самоизразување или политичко организирање се појавувале внатрешни сили да ги спречат нашите искрени намери. А кога ние си молчиме и немаме никави активности, тогаш сите други си ја тераат нивната работа и никој нас не не есапи….
Од самото осамостојување на нашата држава, Торбешите работаат, се борат и бараат условно признавање и впишување во Преамбулата на Уставот на РС Македонија, но за жал досега нема конкретни резултати, што незначи дека нема да продолжи нашата битка за конечно признавање.
- Во периодот од 2011 до 2014 Вие бевте пратеник во Собранието на РСМ. Дали тогаш презедовте некои конкретни чекори и дејствија за решавање на ова прашање?
Да така е, јас во периодот од 2011 до 2014 година бев во Парламентот на Република Северна Македонија како еден од тројцата пратеници на Партијата за Европска Иднина (ПЕИ), и во Собранието сите тројца влеговме како ТОРБЕШИ. Согласно член 64, став 2 од Изборниот законик, секој кандидат за Пратеник покрај другата документација има обврска да достави и писмена изјава заверена на нотар за припаднос кон одредена заедница. Впрочем, основната цел и програмска заложба на Партијата за Европска Иднина беше, промоција, поддршка, осознавање и активности за целосно признавање на торбешката етничка заедница, со нејзино вметнување во Уставот на Република Северна Македонија.
Партијата ја формиравме во 2006 година и тогаш за првпат учествувавме и тоа самостојно на парламентарните избори и успеавме да извадеме еден пратеник во петтата изборна единица, иако извојувавме победа речиси во сите населени места каде живеат Торбешите и тоа во Струга и струшко, Маврово и Ростуше и Дебар, но и одлични резултати кај Торбешите во гостварскиот, скопскиот и тетовскиот регион.
Сакам да потенцирам дека нашата битка околу торбешкото прашање најконкретно започна уште во 2006, а продолжува и ден денешен. Ние како пратеници ја користевме секоја можност за промоција и лобирање, за запознавање и признавање на нашата заедница и посебност. На седница на Собранието на Република Северна Македонија покренавме дебата за Торбешите, за нашата неможност да гласаме по т.н ,,бадентерово правило“, некој од нас да биде член на Комитетот за односи меѓу заедниците и сл…
Нашите формални и директни средби со претставници на Европската унија, Американската влада и амбасада, ОБСЕ и ОДИХР, со сите политички партии, секогаш беа во насока на лобирање и разбирање на нашата посебност, другост. Резултатите од тие средби и активности не секојпат доаѓаат многу брзо, за нешто големо да се случи треба да помине и извесно време, но верувајте тие наши заложби и контакти и до ден денес имаат важно место и играат сериозна улога за нашето постоење, битисување и се надевам и во скоро време целосно признавање.
- Торбешите се народ кои често се изложени за навреди, напади и клевети како од обичниот народ, интелектуалната маса па и од политичките субјекти во државава. Ќе може ли да ни објасните на што се должи тоа и како се справувате со тоа?
За жал вашето прашање јас би го оквалификувал и како констатација и тоа многу точна. Нас Торбешите сите нѐ сакаат, ама само како бројка или само да им пополнеме место тогаш кога им треба, дали тоа биле некакви избори, дали бил попис и тогаш сите се служат со фразата ВИЕ СТЕ НАШИ.
Кога бев Пратеник имав едно излагање во Собранието на Република Северна Македонија, темата беше поврзана со остварување на основни, фундаментални права кои ни следуваат, а јас секако си ги барав моите права, но истовремено и правата за сите што се чувствуваат или се Торбеши. Тогаш во контра репликите се јавија тројца мои колеги.
Македонката ми рече: ,,Немојте колега со вакви тези да настапувате, Вие сте Македонци, после дополни, македонци муслимани, вие сте наши и сте составен дел на нашата нација, можеби државата направила голема неправда и грешки во минатото спрема вас, но ве замолувам не треба да настапувате со вакви тези“.
Албанецот – Пратеник ми реплицираше: ,,Колега никако Торбеши! Вие сте арнаути, албанци и ништо друго”, а колегата Турчин кажа дека ,,многу ме почитува мене, но и сите како мене, а вели дека сме чисти Турци и ништо друго“.
На сите овие навреди и бесмилици јас само им одговорив дека можеби тие имаат проблем со нивниот идентитет штом нас не присвојуваат сите, т.е. сите нам ни кажуваат што сме, а всушност ние точно знаеме и што сме и кои сме, затоа сме Торбеши, поразлични од сите други, но секој од нив во одреден временски период ја искористил можноста, но и нашата слабост да не потчини, навреди, присвои и конечно и асимилира.
Само со влегувањето на Торбешите во Уставот на Република Северна Македонија ќе може да се ублажи и надмине оваа негативна појава и ние да си бидеме свои на своето.
- Вие во моментов сте и претседател на Здружението ,,Торбешки мост“. Кои се целите на здружението и кои се факторите кои можат да влијаат за нивно реализирање?
Културно научен центар ,,Торбешки мост“ е реалативно ново здружение формирано во Јули 2022 година, а чија основна цел е Промоција и целосно признавање на Торбешите како посебна етничка заедница во Република Северна Македонија.
За да ја оствариме оваа примарна цел имаме предвидено неколку потцели, задачи и активности:
- Иницирање и водење на легитимна и легална битка за формално препознавање и признавање различноста на Торбешката заедница во РС Македонија и вметнување на Торбешите во Преамбулата на уставот;
- Организација на историски и научно – истражувачки активности насочени кон спознавање на етнолошките карактеристики на Торбешите во РС Македонија;
- Активности насочени кон општ развој и напредок на Торбешката заедница во РС Македонија;
- Изработка и реализација на проекти за промоција на спецификите на Торбешката традиција и култура изразена преку народни песни, говор, традиционална облека, прослави и сл.
- Иницијативи за основање на културно уметничко друштво;
- Основање на друштво за истражување, зачувување и афирмација на културно – историското наследство;
- Поврзување и тесна соработка со друштва и организации низ дијаспората каде работаат и живеат Торбешите;
Ова се поголемиот дел на предвидувања и предизвици со кои во блиска иднина ќе се соочиме, секако за да се остварат овие цели ќе ни треба соодветно доекипирање, регионално проширување и делување каде живеат Торбешите, континуиран процес на обуки и вклучување на млади образовани кадри кои треба да бидат главна и водечка сила во планирањето и спроведувањето на сите предвидени цели, задачи и активности.
- Она што во моментов ја разбранува политичката и јавната сцена во државава е иницирањето на Државната власт да ги вметне Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија. Имајќи ги предвид официјалните бројки од последниот Попис, Бугарите се народ кои се помалкубројни за разлика од Торбешите. Дали ова е вистинскиот момент за Вас (Торбешите) да ја ,,искористите“ оваа шанса и конечно да стигнете до целта по која со години акате?
Некаде погоре мислам дека споменав, освен сите други етникуми кои бараат да бидат дел од новиот Устав на Република Северна Македоија и имаат своја матична држава, ние Торбешите имаме една и единствена татковина, тоа е Република Северна Македонија. Затоа мислам дека СЕГА, АМА БАШ СЕГА е вистинскиот момент нашата држава многу јасно, многу одлучно и најпатриотски да застане позади нас, да нѐ поддржи, да ја признае нашата посебност и да не стави во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија како Торбеши.
Само на тој начин нашата држава ќе ја исправи вековната неправда спрема Торбешката заедница, ќе ја спречи понатамошната асимилација или претопување на ова население, ќе го спречи можеби и масовното исселување на ова население, давајќи ни шанса во сопствената држава да си најдеме својата егзистенција и егзистенцијата на нашите деца и внуци.
Сметам дека, ако сега се отвара Уставот, сега е најсоодветен момент за внесување на Торбешите, но и сите останати заедници кои исполнуваат минимум услови и критериуми, да не бидеме ДРУГИ, да си имаме име и презиме, како што имаме обврски према оваа држава, да уживаме и одредени привилегии, а убеден сум дека со ваквиот чин, државата многу ќе добие пред Меѓународната заедница и процесот на преговори и разговори би се забрзал и на тој начин и побрзо и посодветно би се затворале поглавјата или кластерите со кои се исполнуваат критериумите за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската унија.
- Од кој политички субјект во државава ја имате поддршката?
Нам многу ни е јасно дека не е едноставен процесот на менување на Уставот на РС Македонија, посебно кога се работи за суштински измени, иако јас лично сметам дека во делот на Преамбулата измените не би биле многу комплицирани бидејќи и сега како што е поставена работата имаме набројано неколку заедници и во тој дел само би се ставиле и другите кои не се споменати.
За да се случат Уставните измени треба да има општ консензус од сите политички партии, најмалку 80 или 2/3 од пратениците да ги гласаат амандманите, ние како здружение имаме солидни контакти со сите партии во нашата држава, промената во Уставот нема да се случи само за Торбешите, но најискрено очекуваме и ние да бидеме дел од новата Преамбула, во тој прилог ни одат и бројките, се надевам дека сите политички субјекти ќе имаат слух за нашата посебност и еднаш засекогаш да се реши и нашето прашање.
Пред извесен период и од Премиерот на Република Северна Македонија имаше изјави дека и Торбешите, заедно со Бугарите, ќе влезат во Уставот на РСМ. Дали овие изјави може да се земаат ,,здраво за готово“ или пак ова повторно е некоја политичка игра?
Воопшто не е политичка игра, иако сѐ е политика, изјавите на премиерот Ковачески не се воопшто наивни и паушални, напротив со неговите изјави доаѓа до израз плурализмот, демократијата, гарантирањето на човековите права и слободи, почитување на граѓанските права на сите во оваа држава, взаемното живеење и почитување. Во таа насока и ние како Културно – научен центар ,,Торбешки мост,, до Владата на Република Северна Македонија на 05.10.2022 поднесовме официјално барање со Иницијатива за прием на Торбешите во Преамбулата на Уставот и за волја на вистината многу брзо, најпрво од кабинетот на премиерот добивме одговор, каде пишуваше дека нашето барање е проследено до Министерството за правда.
На ден 21.11.2022 година добивме одговор и од министерот за правда на Република Северна Македонија, со МИСЛЕЊЕ дека предложената измена од доставената Иницијатива е во насока на олеснување на положбата на припадниците на торбешката заедница и со оглед дека се работи за сугестии кои бараат посебен третман во нашето законодавство и вклученост на сите засегнати страни во процесот, не известуваат дека нашите забелешки ќе бидат земени во предвид во текот на целата постапка на уставни измени.
Ви благодариме!