Реџеп Таип Ердоган со порака до Џо Бајден: “Одговорност на САД е да обезбедат прекин на огнот во Појасот Газа“
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган му кажал на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, во телефонскиот разговор дека САД имаат историска одговорност да постигнат траен прекин на огнот во Појасот Газа што е можно поскоро, соопштија од кабинетот на турскиот претседател во четвртокот.
„Продлабочувањето и продолжувањето на израелските напади во Појасот Газа може да има негативни регионални и глобални последици“, му рекол Реџеп Таип Ердоган на Џо Бајден, соопшти неговиот кабинет, пренесуваат турските медиуми.
„Историска одговорност на САД е да обезбедат траен прекин на огнот во регионот што е можно поскоро“, истакнал Реџеп Таип Ердоган.
Реџеп Таип Ердоган вели дека повлекувањето на американската безусловна поддршка за Израел може да обезбеди брз прекин на огнот и дека барањата за таков потег се се погласни во последните денови во светот и во САД.
Реџеп Таип Ердоган и Џо Бајден разговарале и за процесот на пристапување на Шведска во НАТО и односите меѓу Турција и САД, вклучувајќи го и прашањето за продажбата на американскиот борбен авион F-16 на Турција, се вели во соопштението што го пренесоа турските медиуми.