Роналдо има право на златен медал, но Манчестер Јунајтед нема да му го испрати

Правилата на англискиот Лига куп налагаат дека Кристијано може да добие награда бидејќи бил дел од клуб кој го освоил трофејот

Фудбалерот на Ел Наср, Кристијано Роналдо има право на златен медал за освојување на англискиот Лига куп, бидејќи Манчестер Јунајтед стигна до трофејот во ова натпреварување, пренесуваат британските медиуми.

Манчестер Јунајтед во неделата навечер го освои Лига купот , откако во финалето го совлада Њукасл со резултат 2:0.

Британските медиуми се повикуваат на правилата на натпреварување во Лига купот и тврдат дека право да го добие златниот медал има Роналдо кој ја започна сезоната во Манчестер Јунајтед.

Португалскиот фудбалер бил пријавен за ова натпреварување. Сепак, Роналдо не одигра ниту една минута во ова натпреварување во дресот на „црвените ѓаволи“. Според правилата на англискиот Лига куп, Роналдо има право да добие медал, но конечната одлука ја носи освојувачот на трофејот, т.е. Манчестер Јунајтед.

Британските медиуми потсетуваат дека Роналдо и Манчестер Јунајтед во ноември минатата година не се разделија на убав начин, поради што челниците на клубот од „Олд Трафорд“ решија на португалскиот фудбалер да не му испратат златен медал за освојување на Лига купот.