– Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека ставот на Украина за решавање на украинскиот конфликт е „непомирлив“..
Говорејќи на брифингот со новинарите во Санкт Петербург, Песков рече дека Русија, која започнала „специјална воена операција“ во Украина минатиот февруари, останува отворена за изнаоѓање мирно решение.
„Иако Русија останува отворена за преговори за да ги постигне своите цели, и покрај прилично тешката ситуација во која се наоѓа украинската страна, тие сè уште не сменија ништо. Ја отфрлаат можноста за какви било преговори“, рече Песков.
Запрашан за африканската мировна иницијатива за Украина, Песков рече дека рускиот претседател Владимир Путин ќе го продолжи дијалогот со лидерите на црниот континент за ова прашање.
Тој, исто така, најави и дека Москва планира во иднина да одржи трет самит Русија-Африка, чиј датум ќе биде објавен подоцна.
Првиот руско-африкански самит се одржа во руското одморалиште Сочи во 2019 година, а вториот започна вчера во Санкт Петербург.
Осврнувајќи се на претстојниот состанок на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во САД, Песков рече дека треба да се почека официјалната изјава на Русија за нејзиното евентуално учество.
„Прво, тоа е уште далеку, имаме многу важни настани, вклучително и на највисоко ниво“, рече Песков.
Мет Мареј, висок американски функционер за АПЕК, на брифинг со новинарите во Сингапур во понеделникот рече дека Русија ќе биде поканета на АПЕК во Сан Франциско следната година и покрај постојните билатерални тензии.