Русија ќе ги пронаоѓа остатоците од нуклеарните подморници од советската ера од арктичкото морско дно
Русија работи на проект вреден повеќе милијарди долари за извлекување на две нуклеарни подморници од нивните „гробишта“ на арктичкото морско дно.
Проектот се планира децении откако подморниците потонаа и има за цел да ги реши стравувањата дека тие би можеле да доведат до радиоактивен отпад во водата. Станува збор за подморниците К-27 и К-159.
Минатата година, норвешката фондација „Белона“ изрази загриженост за заканата што ја претставуваат двете нуклеарни подморници за животната средина.
„Подморниците содржат милион кури зрачење, или околу една четвртина од она што беше ослободено во првиот месец од катастрофата во Фукушима“, вели Белона.
Во минатото, Русија посочи дека сака да започне проект за извлекување на подморници од нивната „водена гробница“, меѓутоа, почетокот на војната меѓу Русија и Украина не резултираше со никаков конкретен напредок во овој поглед.
Според извештајот на рускиот новински портал РБЦ, Москва вклучила средства во нацрт-федералниот буџет за извлекување на нуклеарни подморници од арктичкото дно. Подготовките се планирани за 2026 година, а работата треба да започне во 2027 година.
К-27 беше експериментална напаѓачка подморница изградена во 1950-тите за советската морнарица. Имаше два реактори со радикален систем за ладење, кој вклучуваше стопен метал.
Подморницата стапи во употреба во 1963 година, но само три дена по влегувањето во морето, системот за ладење на бродот испушти радиоактивни гасови во машинската просторија. Во следните две децении, тогашниот СССР безброј пати се обиде да ги поправи или замени реакторите, но проектот не вроди со плод. Подморницата беше деактивирана во 1979 година.
Проблемот со нуклеарната подморница К-27 не беше дијагностициран навремено од страна на екипажот, што доведе до нејзино потонување, при што најмалку девет членови на екипажот починаа од труење со зрачење.
Нуклеарната подморница беше деактивирана во 1979 година, а тогашната советска морнарица го наполни реакторот со катран за да го запечати пред да го испрати во плитките води на Карското Море. Плиткоста ја изложува на плима и струи, кои можат да ја растргнат и да доведат до контаминација.
Сепак, проблемот е што заптивката околу реакторот била наменета само за спречување на протекување до 2032 година. Високо збогатеното гориво во садот би можело да создаде и неконтролирана нуклеарна верижна реакција, што ќе доведе до ослободување на зрачење.
Нуклеарната подморница К-159 доживеа слична судбина поради дефект. Таа беше и напаѓачка подморница која претрпе истекување на зрачење, контаминирајќи го целиот брод. Во текот на својот животен век, на нуклеарната подморница ѝ беа потребни постојани поправки за да функционира. Бродот беше деактивиран во 1989 година и оставен да ‘рѓосува повеќе од една деценија.
Во 2003 година, Русија доби пари од балтичките земји за да го расклопи К-159 заедно со други бродови, меѓутоа, трупот на бродот беше сериозно оштетен од ‘рѓа, а подморницата потона за време на влечењето до бродоградилиштето.
Во инцидентот загинаа девет руски војници, а 800 килограми нуклеарно гориво завршија на морското дно 213 метри под површината, заедно со нуклеарната подморница.
Вадењето нуклеарна подморница од морското дно е скапо, но холандската компанија „Мамоет“ успеа да ја извлече руската подморница „Курск“ од Баренцовото Море во 2002 година. Останува да се види дали оваа фирма ќе ѝ помогне на Русија со ресурси или експертиза сега кога војната со Украина сè уште е во тек.