Руската забрана за извоз на гориво може да ја продлабочи глобалната загриженост и да ги покачи цените

Одлуката на Русија да го забрани извозот на бензин и дизел-гориво може да ја зголеми загриженоста за нивно снабдување, што ќе доведе до зголемување на цените на дизелот во светот.

Русија, еден од најголемите светски производители на нафта, извезува речиси 900.000 барели дневно дизел-гориво и 100.000 барели дневно бензин. Минатата година извозот на дизел во земјата изнесуваше 35 милиони тони, а извозот на бензин 4,8 милиони тони.

И бензинот и дизелот сочинуваат значителен дел од транспортот во Русија и многу се користат во земјоделскиот и индустрискиот сектор.

Иако Русија испорачува помалку бензин и дизел отколку сурова нафта, ембаргото за извоз пред зимата и актуелната загриженост за снабдувањето со нив ја зголеми нервозата на пазарот.

Нафтата „Брент“ вчера се тргуваше по 92,70 долари за барел пред Русија да ја објави својата одлука да го ограничи извозот на бензин и дизел-гориво, со цел да го балансира домашниот пазар. По објавувањето на вестите за руската забрана на извоз, „Брент“ се искачи за 1,9 отсто на 94,50 долари за барел.

На рускиот пазар, пак, одлуката предизвика пад на цените на бензинот и дизелот за 5 отсто.

Поради фактот што практично сите големи руски нафтени корпорации, меѓу кои се и Гаспром Нефт, Татнефт и Сургутнефтегас, извезуваат дизел и бензин, привремената одлука ќе има штетен ефект врз овие бизниси.

– Производството во европските и азиските рафинерии недоволно 

Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) во извештајот објавен на почетокот на септември наведе дека рафинериите имаат потешкотии да ја задоволат зголемената побарувачка, особено за дестилатите.

Тековните ограничувања на снабдувањето со нафта на групата ОПЕК+, меѓународните санкции за руска нафта и помалото производство на европските и азиските рафинерии, кое е значително под нивото од претходните години, се наведе во извештајот како дополнителна загриженост поврзана со неадекватното снабдување.

Дополнително се предвидува дека јазот во снабдувањето ќе се продлабочи на светскиот пазар, особено пред зимската сезона, како резултат на одлуката на Русија, еден од главните извозници на дизел-гориво во светот, да воведе ембарго за извоз.

Русија е нето-извозник, што значи дека произведува повеќе бензин и дизел отколку што троши; сепак, се очекува дека ограничувањата брзо ќе доведат до суфицит на домашниот пазар што ќе наметне одлуката да биде привремена.

Првиот заменик-министер за енергетика на Русија, Павел Сорокин, изјави дека иако ограничувањето во моментов е на неопределено време, се очекува да има инстантен ефект на пазарот.

​​​​​​​Сорокин истакна дека со преземање на овие чекори земјата ќе може целосно да ги задоволи потребите на своите земјоделци, кои претставуваат едни од најголемите потрошувачи на бензин и дизел во земјата.