Руските дезинформации топ тема на состанокот меѓу МНР на Франција, Германија и Полска

Министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Полска денеска ќе се сретнат во дворецот де ла Сел во близина на Париз за да разговараат за продлабочување на надворешнополитичката и безбедносната соработка, а руските напори за дезинформации се високо на агендата, јави ДПА.

Францускиот, германскиот и полскиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне, Аналена Баербок и Радослав Сикорски ќе се сретнат попладнево во париското предградие Ла Сел-Сен Клауд каде ќе разговараат и за поддршката за Украина.

Состанокот се одржува во форматот Вајмарски триаголник – сојуз што трите нации го создадоа во 1991 година со цел да работат заедно за европски прашања.

Сежурне рече дека тројцата дипломати ќе се фокусираат на руската кампања за слабеење и поделба на европските демократии со мешање во избори преку ширење лажни информации.

Тој рече дека сите три земји станале жртви на стратегијата за дестабилизација на Москва.

Гласачите во земјите-членки на ЕУ во јуни ќе гласаат за да изберат нов Европски парламент.

Сежурне ја презеде функцијата пред еден месец како дел од реконструкцијата на владата во Париз.

Највисокиот полски дипломат е на својата функција откако новата центристичка влада на премиерот Доналд Туск ја презеде функцијата во декември, а беше министер за надворешни работи и од 2007 до 2014 година.