САД воведоа 500 нови санкции против Русија поради инвазијата на Украина и смртта на Алексеј Навални

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска објави дека САД вовеле 500 нови санкции против Русија поради инвазијата на Украина и смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

„Денес објавувам повеќе од 500 нови санкции против Русија за нејзината освојувачка војна против Украина и за смртта на Алексеј Навални, кој беше храбар антикорупциски активист и најжесток опозициски лидер на Путин.

Овие санкции ќе ги таргетираат поединци поврзани со затворањето на Навални, како и рускиот финансиски сектор, одбранбената индустриска база, мрежите за набавки и оние кои избегнуваат санкции на повеќе континенти“, рече Бајден, според соопштението од Белата куќа.

Тој додаде дека санкциите ќе обезбедат Путин „да плати уште поголема цена за неговата агресија во странство и репресијата дома“. Покрај тоа, Бајден изјави дека САД воведуваат нови извозни ограничувања на речиси 100 субјекти за поддршка на руската воена машина.

„Историјата нè набљудува. Нема да се заборави неуспехот да се поддржи Украина во овој критичен момент. Сега е време да застанеме цврсто со Украина и да бидеме обединети со нашите сојузници и партнери. Сега е време да се докаже дека Соединетите Американски Држави се залагаат за слобода и не се поклонуваат никому“, заклучи Бајден.