Сараево утрово прв на листата на градови во светот со најзагаден воздух, Скопје на четвртото место

Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина утрово се најде на врвот на листата на светски градови со најзагаден воздух, покажуваат податоците на порталот „IQAir“. Квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина е оценет како „опасен“, со индекс на квалитет 312.

Зад Сараево на листата е Лахоре (Пакистан), чиј индекс за квалитет на воздухот е 259, потоа Њу Делхи (Индија) со индекс 225, Скопје со 184 и Кувајт (Кувајт) со индекс 177.

Швајцарскиот „IQAir“ има повеќе од 10.000 мерни станици низ светот и го покажува квалитетот на воздухот низ планетата.

Во текот на зимската сезона во Сараево и некои градови во Босна и Херцеговина, дозволената концентрација на лебдечки честички се надминува речиси секој ден, а најголеми причинители за загадувањето се индустриските постројки, сообраќајот, согорувањето на отпадот и од затоплувањето на домаќинствата.