СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ мора да дадат поддршка за уставните измени кои ќе овозможат отворање на преговорите со ЕУ

Откако се исполнети сите услови кои ги постави Христијан Мицкоски, сега пратениците на неговата партија мора да ги поддржат уставните измени. Веднаш по одобрувањето на уставните измени ќе започне отворањето на првите поглавја во преговорите со ЕУ, велат од СДСМ.

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ повеќе од една година ги лажеа граѓаните за наводно загрозување на македонскиот јазик, идентитет, култура и посебност, но факт е дека тие денес се заштитени и потврдени на меѓународно ниво како никогаш досега.

Доказ за тоа е Резолуцијата предложена во американскиот Сенат, како и Резолуцијата претходно одобрена од германскиот парламент. Исто така, факт е дека нема да има нови барања и нови услови на нашиот европски пат, а за тоа има гаранции од највисоките европски претставници и од лидерите на најголемите земји-членки на ЕУ“, соопшти СДСМ.

Од таму велат дека по 17 години во чекалната почнавме преговори со ЕУ, со заштитениот македонски јазик, македонскиот идентитет и посебност. Сега ни треба обединување, потребен ни е сериозен исчекор и забрзување на преговарачкиот процес со крајна цел полноправно членство во ЕУ до 2030 година.