Изјавите на Таравари и Мицкоски за давањето на паркингот на Клинички на стопанисување на „Ѓока Констракшн“, со што 99% од добивката ќе оди кај албанската компанија, а само 1% ќе остане за државата, се контрадикторни и јасно укажуваат на тоа дека зад оваа зделка се крие сомнителен договор – вака порачаа од СДСМ за најавениот нов концесионер на паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. СДСМ прашува како е можно „министерот за здравство да тврди дека договорот ќе биде на 7-8 години и дека потоа Клиничкиот центар нема да биде таму, кога само пред неколку недели Владата потврди дека нов Клинички центар нема да се гради?“.
-Тоа значи дека Клиничкиот центар ќе остане на истата локација. Зошто Таравари ја лаже јавноста и се обидува да ги ублажи критиките со вакви изјави? Ова јасно покажува дека тој добро знае дека договорот е штетен, но сака да помине што полесно во јавноста, посочија од најголемата опозициска партија.
СДСМ упати прашања и до премиерот Христијан Мицкоски.
-Дали намерно остава простор за потпишување на договорот кога вели: „предвид ја земаме тендерската спецификација и, се разбира, фирма што нема кредибилитет, нема бонитет, ниту технички карактеристики, нема да биде избрана и тука сето тоа завршува“? Дали тоа значи дека, ако фирмата има бонитет и кредибилитет, овој скандалозен договор треба да се потпише? Зошто Мицкоски не го отфрли веднаш, туку се двоуми? Дали и тој е дел од целата оваа зделка, прашаа меѓу другото од „Бихаќка“.
СДСМ бара итно објавување на повикот од страна на Министерството за здравство и итно објавување на физибилити студијата според која е распишан тендерот.
Мицкоски вчера кажа дека ако јавноста е против со паркингот на Клинички центар да стопанисува фирмата од Албанија „Ѓока“, тогаш Владата нема да го потпише договорот. Премиерот рече дека одредени медиуми шират невистини и конструкции и обвинувале неосновано.
Дел од партиите обвинија дека дека компанијата „Ѓока“ е поврзана со крупни скандали во Албанија, каде се спомнува и политичка корупција. Според Таравари, тоа е ставено како услов додека Клиничкиот центар е на истата локација.
-Затоа интересот на компаниите беше мал. Да беше за 20 години, сигурно ќе се јавеа. Сега има уште одредени филтри, ако не помине, пак ќе го објавиме. Цените се 50 денари. Во „Рамстор“ е 60 денари. Тука имавме паркирање на возила, а после си одат во град. 50 денари е пристојна цена. Пред „Нова Македонија“ е 40 денари за граѓаните. 50 денари не е висока цена. Имајќи во предвид какви се цените, мислам дека не е лоша. Во Скопје има места каде што паркингот е 100-150 денари, рече министерот на прес-конференција во петокот.
Според него, не постои понудувач кој што нема да наплаќа за паркинг.
-Не е ништо потпишано. Ако ете слушаме од јавноста дека не им се допаѓа, тука сум и да не го потпишам. На Клинички центар паркингот е голема нервоза. Секогаш ми значи од јавноста што ќе чујам. Ако не го потпишам, ќе го поништиме, ќе објавиме пак, само ќе изгубиме уште една година, додаде Таравари.
Екс-претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска пред неколку порача дека новиот паркинг во Клинички центар ќе биде еколошка бомба, а никој тоа не го зел во обзир, поради големиот број на возила што би се нашле таму.