СДСМ: Режимот се враќа, Мицкоски со неуставното распуштање на Судскиот совет бара да ја освои правдата
,,Режимот се враќа. Изјавите на Мицкоски дека власта планира да го распушти Судскиот совет со разрешување на 5 членови е чекор кон целосно владино преземање на судството. Мицкоски сака да го стави судството под контрола“, се вели во денешната реакција на СДСМ на изјавите на премиерот.
„Ова значи кршење на демократијата, кршење на уставната поделба на власта и враќање во темните доба на политички прогон преку контролирани судии и судски процеси.
Тотално спротивно на сите реформи и она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел.
На овој начин Мицкоски ги фрла реформите во судството на буниште и ја презема целосната контрола и партизација на судството. По истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните.
Мицкоски сака да биде и судија и кадија, да испорача партиска правда наместо вистинска правда.
СДСМ со месеци предупредува дека ова не е изолиран случај, туку стратегија на Мицкоски и неговата партија судиите да ги направат марионети кои ќе одлучуваат по партиски директиви.
СДСМ остро ќе се спротивстави на ова и ќе направи сè за да ја спречи оваа окупација на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, додаваат оттаму.