Села ги обвини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека заеднички работеле Кочо Анѓушев да биде ставен на црна листа на САД
Пратеникот Зијадин Села, кој е дел од Европскиот фронт и лидер на едно од крилата на поделената Алијанса за Албанците, смета дека поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев влијаел и придонел лидерот на конкурентската ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Христијан Мицкоски да постигне апсолутна победа на изминатите двојни избори.
Во интервју за неделникот „Фокус“, Села истакнува дека „држи тезата оти ВМРО е помогната за да постигне апсолутна власт“, а, како што посочи, за жал поддржувачите и членството на СДСМ во овој случај се жртва. Токму по иницијативите за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, додава тој, бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев бил ставен на „црната листа“ на САД.
-Кога зборувам за овие феномени претпочитам да зборувам за политички збиднувања и јавни изјави во минатото. Дали имаше изјава меѓу Мицкоски и Заев за време на кампањата и дадена рака меѓу нив дека ќе направат коалиција по изборите меѓу ВМРО и СДСМ со исклучување на албанскиот политички фактор? Тоа се случи во студио за време на кампања, 2020 година. Тоа е најава. Потоа проструи, исто така, една информација по медиумите дека треба да се направи коалиција меѓу ВМРО и СДСМ, со исклучување на ДУИ додека станеме рамноправна членка на ЕУ. Но, за таква најава постои ризик. И во време на СФРЈ сме имале претставници во власта, но не го претставувале народот, наведува Села.
Според него, исто е сега и со легитимитетот за кој зборуваат.
-Јас имам право да се сомневам. Да земаш политички губитник кај Албанците како дел од власта, па потоа да создаваш ситуација кога ќе немаш потреба од организирана партија кај Албанците, па ќе земеш индивидуалци Албанци, па на Албанците ќе им кажеш еве имате претставници во власта. Оваа идеја наликува многу на тоа што Заев правеше…, вели тој.