Руско-кинеските односи се модел на стратешка интеракција заснована на доверба и почит, порача денес рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на средбата со потпретседателот на кинеската централна воена комисија Џанг Јуксиао во Москва.
„За разлика од некои агресивни западни земји, ние не создаваме воен блок. Односите меѓу Русија и Кина се модел на стратешка интеракција заснована на доверба и почит“, истакна Сергеј Шојгу.
Тој предложи „да се разговара за понатамошни чекори за зголемување на билатералната соработка во сферата на одбраната, како и за размена на мислења за меѓународната агенда“.
„Убеден сум дека денешната средба ќе биде уште еден чекор кон продлабочување на мултидисциплинарните врски меѓу нашите земји и министерствата за одбрана“, наведе Сергеј Шојгу.
Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг, три недели пред руската инвазија врз Украина, прогласија „неограничено“ партнерство помеѓу двете земји. Кина се воздржува од критики за рускиот напад врз Украина.