СЕ ЗГОЛЕМУВА СТРАВОТ ОД ЕСКАЛАЦИЈА – Ентони Блинкен ќе се сретне со Бенјамин Нетанјаху додека Израелците се фалат за убиства на важни луѓе на Хамас и Хезболах
Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Ентони Блинкен, во вторник треба да се сретне со израелските лидери како дел од напорите за ограничување на војната во Појасот Газа, еден ден откако во нападите во Сирија и Либан беа убиени високи членови на Хамас и неговиот сојузник Хезболах.
Посетата доаѓа неколку дена откако израелската Армија соопшти дека нејзината операција против Хамас во Појасот Газа влегува во нова фаза, вклучувајќи повеќе насочени операции во централниот и јужниот дел на територијата.
Сирените предупредија на ракети во централниот и јужниот дел на Израел во понеделникот, како и во близина на границата со Либан, каде што израелските напади и размената на оган со Хезболах поддржан од Иран ги зголемуваат стравувањата од ширење на војната на север.
Претходно истиот ден Хезболах објави дека е убиен „командант“, за првпат од октомври, велејќи дека тоа е Висам Хасан Тавил.
Израелската Армија соопшти дека во понеделникот ги нападнал „воените локации“ на Хезболах во Либан, без да коментира за смртта на Висам Хасан Тавил.
Ова е второ убиство на висок противник во Либан овој месец, по нападот врз упориштето на Хезболах во Бејрут, во кој беше убиен заменик-лидерот на Хамас, Салех ал-Арури.
Израелската Армија во понеделникот соопшти дека го убила „централниот“ претставник на Хамас во Сирија, Хасан Акаша, кој ги предводел терористичките ќелии кои испукале ракети кон израелска територија.
Во нападот на Хамас на 7. октомври, кој ја започна војната, загинаа 1.140 луѓе во Израел, главно цивили, според извештајот на AFP заснован на официјални податоци.
Хамас киднапираше 250 заложници тој ден, од кои 132 се уште се во заробеништво, вели Израел.
Се претпоставува дека најмалку 25 од нив биле убиени.
Израел одговори со немилосрдно бомбардирање и копнена инвазија во која досега загинаа најмалку 23.084 луѓе, повеќето жени и деца, според здравствените власти во Појасот Газа.
Израелската Армија во вторникот наутро објави дека се убиени уште четворица војници и дека од почетокот на инвазијата се убиени 180 израелски војници.
Повторените напади во Либан и Сирија, нападите против американските сили во Ирак и кампањата на јеменските бунтовници, пријателски настроени кон Хамас, против бродовите во Црвеното Море, предизвикуваат стравувања дека Блискиот Исток може да биде вовлечен во сеопфатна војна.
Во обид да ја елиминира таа можност, Ентони Блинкен слета во Тел Авив во понеделникот вечерта по застанувањето во шест други земји на неговата четврта кризна посета на Блискиот Исток од почетокот на војната.
Државниот секретар на САД во вторник треба да се сретне со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и други високи функционери, како и со членовите на воениот кабинет и водечката опозициска личност Бени Ганц.
САД рекоа дека Ентони Блинкен ќе инсистира Израел да го почитува меѓународното хуманитарно право и ќе повика на „итни мерки“ за зголемување на помошта за Појасот Газа.