Холандија и Данска ќе испратат борбени авиони F-16 во Украина, а првите испораки ќе бидат направени околу Нова година, најавија во неделата премиерите на двете земји-членки на НАТО, кои ги посети украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Ова е прво вистинско ветување за испорака на борбените авиони F-16 на украинските вооружени сили. Тоа се случи неколку дена откако Соединетите Американски Држави (САД) одобрија односно дадоа зелено светло за испорака на борбените авиони.
Володимир Зеленски ја нарече одлуката „значен договор“, велејќи дека авионите ќе помогнат да се зајакне воздушната одбрана на Украина, како и контраофанзивата против руската инвазија.
Данска ќе испорача вкупно 19 борбени авиони, а првите шест треба да и бидат испорачани на Украина околу Нова година. Потоа осум ќе бидат испорачани во 2024 година и уште пет во 2025 година, соопшти данската премиерка Мете Фредериксен.
„Знаеме дека вашата слобода е наша слобода, а знаеме и дека ви треба повеќе оружје“, порача Мете Фредериксен на заедничката прес-конференција со Володимир Зеленски во данската воздухопловна база Скридструп и додаде: „Затоа објавуваме дека на Украина и донираме 19 борбени авиони F-16“.
Холандија има на располагање вкупно 42 авиони F-16, но допрва треба да се одлучи дали сите ќе бидат донирани, кажа во неделата холандскиот премиер Марк Руте за време на посетата на Володимир Зеленски на неговата земја.
Во изминатите неколку месеци, Холандија и Данска ги предводеа меѓународните напори за обука на украински пилоти да летаат со авионите F-16 и на крајот да им ги донираат за да можат Украинците да се спротивстават на супериорната руска авијација.
„Главното прашање за Украина е авионите F-16 да бидат заштита на нашиот народ од рускиот терор. Стануваме посилни“, објави Володимир Зеленски претходно на социјалната мрежа Телеграм.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников во саботата изјави дека обуката на украинските пилоти за летање со авиони F-16 е започната, но додаде дека ќе бидат потребни најмалку шест месеци, а можеби и подолго, бидејќи треба да се обучуваат и инженери и механичари.
Обуката ќе се одржи во Данска и Романија, соопштија претставници на коалицијата од 11 земји.
Украина минатата недела соопшти дека не очекува да може да ги користи F-16 уште оваа есен или зима.
Холандија може да испрати F-16 во Украина додека нејзините вооружени сили преминуваат на ловците F-35.
Во саботата, Володимир Зеленски ја посети и Шведска, каде што разговараше за можноста да го добие нивниот авион Gripen.