Се подготвува ново законско решение за сообраќајни камери

Проектот за камерите е еден од приоритетите на Министерството за внатрешни работи (МВР), изјави денеска Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Ветив дека во текот на 2025 година ќе имаме реализиран проект. Освен што ќе ги поставиме камерите, ќе ги поврземе со потребните кабли и ќе ги обезбедиме сите потребни дозволи, ќе треба да ја смениме и законската регулатива, да ги подготвиме судовите и ДАП за спроведување на процедурите, ќе треба поширок институционален пристап, тоа е она што правиме во моментов. Се подготвува предлог за ново законско решение“, рече Тошковски.

Тој нагласи дека овој проект е многу важен од повеќе аспекти, особено за намалување на смртните случаи во сообраќајни незгоди, додека искуството во другите земји покажало разумност за спроведување на овој систем за безбеден град и безбедна земја. Тој додаде дека тоа е еден од најклучните проекти на Министерството што мора да се реализира во иднина.

„Во рамките на техничката влада, доколку имаше простор и време што повеќе да се посветиме на микроменаџментот, ќе можевме порано да завршиме со имплементацијата. Но, за жал, за време на техничката влада се посветивме на друга работа. Ова се покажа како добар резултат, да речеме од аспект на организирање на изборите од областа на надлежностите на Министерството за внатрешни работи. Потоа ни оставија уште еден голем проблем со пасошите кој моравме да го решиме“, рече тој.

Министерот Тошковски денеска го посети Желино по повод отворањето на новата канцеларија на управните служби на Министерството за внатрешни работи.