СКАНДАЛ – Украинците во шок: Висок воен функционер среде војна купил луксузна вила вредна четири милиони евра во Шпанија!
Украинските власти во понеделникот објавија дека го привеле поранешниот воен комесар за мобилизација, под сомнение дека купил вила во Шпанија за околу четири милиони евра за време на руската инвазија на Украина.
Државното истражно биро на Украина (ДБР), кое ги истражува случаите на корупција на високо ниво, го приведе Евген Борисов во Киев, два дена откако излегол налог за негово апсење, како дел од заедничката операција со државното правобранителство.
„Осомничениот се обидел да избега менувајќи го телефонскиот број, регистарската табличка на автомобилот и местото на живеење“, се додава во соопштението на ДБР, објавија украинските медиуми.
Полковникот Евген Борисов бил задолжен за мобилизација и регрутирање во регионот Одеса, на југ, сè додека не бил ослободен од должноста по извештаите во медиумите. Тој е осомничен за „незаконско богатење“ и обид за избегнување воена служба, за што му се заканува „затвор до десет години“, пишуваат тамошните медиуми.
Истражната канцеларија во мај објави дека овој функционер, во замена за поткуп, им наредил на подредените да не мобилизираат некои луѓе, во времето на руската инвазија која започна во февруари 2022 година.
Работата ја откри влијателен украински медиум, кој наведува дека мајката на Евген Борисов, пензионерка, станала сопственичка на вила во Марбела, популарна туристичка дестинација на југоистокот на Шпанија, вредна околу четири милиони евра, во декември 2022 година.
Покрај тоа, сопругата на Евген Борисов купила деловен простор во Марбела за речиси 740.000 евра, а нејзината свекрва во последните години купила неколку луксузни автомобили.
Државната антикорупциска агенција на Украина минатата недела објави дека го сомничи поранешниот функционер за „незаконско богатење“, проневерено 4,59 милиони евра.
Борбата против корупцијата, ендемично зло во Украина, која беше меѓу посиромашните европски земји уште пред руската инвазија, е еден од условите на Европската унија за зачувување на кандидатскиот статус на Киев.