Славески: Не е срамно да се работи дополнително за минимална плата, работев и во супермаркет во САД

Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21 нагласи дека вредноста на минималната плата е искривена.

Според него, таа не гарантирала дека може да издржува семејство од четири члена.

„Ја искрививме вредноста на минималната плата. Во светот, таа не гарантира дека може да издржува семејство од четири члена. Работев за минимална плата во САД, во Бостон, во супермаркет додека студирав. Се знае каков стандард може да се обезбеди со неа, а оние што примаат минимална плата работат 2-3 работни места.“

„Би препорачал дека во одреден период од животот, не е срамота, како дополнителна работа можеш да работиш за минимална плата, но понекогаш потруди се повеќе, според твоите квалификации, за да не се најдеш во ситуација да мора да работиш за минимална плата“, рече Славески.