Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов повика да се почитува договореното. Тој информираше дека се сретнал со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, со кого разговарал за очекувањата за дијалог меѓу двете земји.
Муцунски претходно истакна дека властите на Македонија чекаат стабилна политичка Влада во Софија, со која ќе имаат дијалог за деблокирање на евроинтегративниот процес и за идејата за ретроактивни уставни измени.
Бугарскиот амбасадор истакна дека новата Влада ќе биде подготвена за дијалог, но не и за нови преговори и информираше дека изборите во Бугарија се закажани за 27 октомври.
„Се надеваме дека после ова ќе имаме влада со која ќе можеме да влеземе во интензивен дијалог. Се разбира, не преговори, бидејќи не може да има преговори за нешто што е веќе договорено. Тоа што е договорено мора да се почитува и спроведе. Но, нема да ја менуваме географијата, остануваме соседи и мора да имаме интензивна комуникација, вклучително и историската комисија“, изјави Ангел Ангелов, амбасадор на Бугарија.
Од друга страна, премиерот Мицкоски најави смена на историчари, чиј труд го оцени негативно.
„Сегашната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не се покажа како бранител на националните интереси на македонскиот народ. Во спротивно, да, логично е кога ќе имате нова влада да има промени во одредени институции“, рече Христијан Мицкоски.
Претседателот на Комисијата, историчарот Драги Ѓоргиев за „ТВ21“ изјави дека нема да го коментира политичкиот и личниот однос на премиерот. Тој појасни дека договорите им истекуваат на 15 септември и не знаат дали ќе продолжат, додека новиот состанок на комисијата заедно со бугарските историчари е закажан за 18 септември во Скопје.