Со креативен активизам против рибокрадството со употреба на струја

Со креативен активизам и уметничка инсталација поставена на плоштадот во Струмица, Платформата риболовци „Корморани“ во соработка со Центарот за современи уметности од Скопје предупредија на зачестената појава на рибокрадство со употреба на струја во струмичиот регион.

Според организаторите, во последно време членови на платформата „Корморани“ и многу други спортски риболовци и еколози сведочат за зачестените појави на рибокрадство во струмичкиот регион, особено на акумулациите „Турија“ и „Водоча“ и на реката Струмица.

-Уловените риби нелегално се продаваат на пазарите и други канали без почитување на хигиенскo-санитарни мерки, ладен синџир на достава и најчесто се бајати и полурасипани. За жал, освен спортските риболовци надлежните институции не преземаат никакви посериозни чекори за спречување на овие појави кои го уништуваат рибниот фонд. Она што е особено загрижувачко е што покрај мрежи и други недозволени алатки рибокрадците се почесто користат и електронски направи за неселективно убивање на рибите со висок напон и висока електролитска фреквенција, велат организаторите на настанот.

Според најновите податоци од истражувањата на Европската агенција за безбедност на продуктите и храната, рибите и останатите водени организми убиени или уловени со струја и слични инструменти кои користат електролитички процеси се небезбедни за човекова исхрана и за исхрана на домашните животни.

-Во процесот на усмртување на рибите со електролитична висока фреквенција доаѓа до промена на молекуларната структура кај рибиното месо. Овие молекуларни промени на меките ткива ја менуваат структурата на месото со што станува неподобно и опасно за исхрана, а забележани се и појави на канцерогени клетки и структури кои претставуваат сериозна закана по човековото здравје, додаваат спортските риболовци.

Велат дека заради овие факти, со цел заштита на човековото здравје и заштита на рибниот фонд, заедно со платформара „Корморани“, ја иницираат оваа акција за да се подигне јавната свест и да не се купува илегално уловена и непроверена риба, но и да предизвикаат реакција кај надлежните посериозно да се зафатат со контрола и спречување на илегалниот риболов.

-Периодот на мрест на рибите допрва започнува, затоа да им дадеме шанса на рибите, да им овозможиме шанса на наредните генерации да уживаат во благодетите на природата и да не дозволиме крупи на криминалци да го уништуваат она што природата ни го дава, а спортските рибловци го негуваат со децении, апелираат организаторите на акцијата.

Акцијата стоп за рибокрадците е во продукција на програмата за уметнички и креативен активизам на Центарот за современи уметности од Скопје, во соработка со платформата риболовци „Корморани“ од Струмица.