СРБИЈА ГО ВРАЌА ЗАДОЛЖИТЕЛНОТО НОСЕЊЕ НА ЗАШТИТНИ МАСКИ !? Поради вирусот Ковид-19 донесени неколку нови одлуки од страна на властите во Белград

На вчерашната средба, работната група на Министерството за здравство на Србија за справување со состојбите од пандемијата со вирусот Ковид-19 донесе препораки за постапување на ниво на примарната здравствена заштита во болничките установи, а една од нив е задолжително носење заштитни маски во сите здравствени институции.

Утврдено е и задолжително ковид-тестирање на сите вработени во здравствените установи доколку имаат симптоми на акутна респираторна инфекција, како и нивна задолжителна контрола и тестирање по заразата.

На ниво на болнички установи, тестирањето на пациентите е задолжително како услов за хоспитализација, а потребно е тестирање и за прием на хематолошки и онколошки одделенија, како и на геријатриски одделенија и одделенија каде се лекуваат пациенти со примарна и тешка имунодефициенција.

Воведена е и забрана за посета на болници во надлежност на Комисијата за спречување на болнички инфекции.

Комисиите за превенција од болнички инфекции во здравствените установи се должни во наредните седум дена да направат проценка на епидемиолошката состојба и да предложат мерки, како и редовно да ја следат епидемиолошката состојба.

Што се однесува до болничките капацитети за сместување на хоспитализирани пациенти болни од Ковид-19, работната група зазеде став дека нивно дополнително проширување засега не е неопходно.