Србија и Р. Српска усвоија нацрт Декларација за заштита на националните и политичките права

– На заедничката седница на владите на Србија и босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС), едногласно е усвоена нацрт Декларација за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ.

Собранијата на Србија и на РС треба да ја усвојат декларацијата во следните 90 дена.

Освен тоа, владите на Србија и на РС ја усвоија одлуката за итна подготовка на конкурс за идејни решенија за изградба на меморијални центри за одбележување на местата на страдање во Долна Градина и во Белград.

Претседателот на РС, Милорад Додик, за време на седницата рече дека декларацијата е „историски и суштински национален документ кој ги рехабилитира српските национални интереси, а само српските национални и државни интереси немаат алтернатива“.

Според него, декларацијата ги опфаќа сите важни аспекти на односите, а меѓу нив е дека 15 февруари, Денот на државноста на Србија, ќе се одбележува и како Ден на Република Српска, а 9 јануари ќе биде ден на создавањето на РС.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија и РС никогаш не го прекршиле договорот постигнат пред 10 години, дека без оглед на различните мислења, односите меѓу Србија и РС никогаш не смеат да трпат.

Според него, во декларацијата се говори за Косово, за почитување на резолуцијата 1244, но и за дијалогот и почитувањето на договорите.

„Ќе градиме и изградиме меморијални центри во Долна Градина и Белград, сега ќе го надгледувам тоа и ќе го сторам тоа што е можно поскоро“, рече Вучиќ.

Додаде дека српскиот национален интерес е економијата, без која „нема ниту зачувување на кирилицата, ниту зачувување на јазикот“.

Наведе дека Србија во понеделник ќе уплати десет милиони евра наменети за изградба на автопатот Бјелина – Сремска Рача.

Додаде дека Србија никогаш нема да ја остави РС на цедило, и дека проблемите во Босна и Херцеговина мора да се решаваат во согласност со Дејтонскиот договор.

Во Белград денеска од 17 часот ќе се одржи централното одбележување на манифестацијата „Еден народ, еден сабор – Србија и Српска“, на која ќе присуствуваат претставници на институциите на Србија и на РС, како и претставници на Србите од регионот, како и великодостојници на Српската православна црква.