Министерот за одбрана Владо Мисајловски денес се сретна со командантот на КФОР на Косово, генерал-мајор Енрико Бардуани.
Како што соопшти Министерството за одбрана (МО), на состанокот се разговарало за важната улога на оваа мисија во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста на Косово и целиот регион.
„Оваа мисија на НАТО е исклучително важна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес во КФОР и логистичката поддршка што ја даваме на оваа мисија во иднина“, рече министерот на состанокот.
Мисајловски, исто така, рече дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, безбедниот регион е од приоритетно значење за земјата. Македонија, додаде тој, ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.
Со оглед на тоа што мандатот на генерал Бардуани како командант на КФОР наскоро завршува, министерот Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација во однос на македонскиот контингент во оваа мисија.
Генералот Бардуани рече дека македонските војници секојдневно покажуваат висок професионализам и целосна посветеност на своите должности и одговорности.
Во рамките на посетата, генералот Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.