Стано: Во Европа нема место за трупање оружје и безбедносни сили

Нема место за оружје и за трупање на безбедносни сили на европскиот континент, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во одговор на новинарско прашање, поврзано со распоредувањето дополнителни српски безбедносни сили на границата со Косово.

Тој додаде дека Европската Унија разговара со своите сојузници и партнери, вклучително и со ОН, за деескалација на состојбата во северно Косово, и поврзано со тоа и за распоредувањето на српски сили на административна границата кон Косово, што предизвикува сериозна загриженост во Унијата, која бара нивно повлекување.

– Прв приоритет е деескалација и стабилизација на безбедносната состојба, потенцира Стано, додавајќи два настани од изминативе денови предизвикуваат сериозна загриженост во ЕУ, а тоа е терористичкиот напад врз косовската полиција и откривањето големо количество оружје во северно Косово.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на прашање дали ЕУ ќе преземе санкции против Србија, откако еден од лидерите на косовските Срби „близок до властите во Белград“, Милан Радојчиќ презеде одговорност за нападот врз припадниците на косовската полиција на 24 септември, Стано одговори дека Унијата чека да заврши истрагата за инцидентот и нема да коментира изјави и настани на дневно ниво, туку сака да добие целосна слика за настанот пред да реагира.

– Очекуваме транспарентна, целосна и безусловна соработка од Србија за ова прашање. ЕУ е подготвена да преземе мерки поврзани со Србија доколку земјите членки утврдат дека има доволно факти и докази за да се реагира, истакна Стано.

Запрашан дали одржувањето предвремени избори во Србија ќе се одрази на дијалогот меѓу Белград и Косово, Стано одговори дека секогаш има циклус на избори на едната или другата страна, но дијалогот трае со години и тој мора продолжи во правец на нормализација на односите за што двете страни мора да ги направат неопходните компромиси.