Сè помалку војници: Новите правила за мобилизација предизвикаа паника во Русија – ако не се пријават, нивниот живот завршува…

Долниот дом на рускиот Парламент усвои нов Закон, според кој мажите во Русија повеќе нема да можат така лесно да го избегнуваат воениот рок. Со 394 гласа „за“ и еден воздржан, беше донесен Закон, според кој поканата за служење воен рок се смета за врачена веднаш штом ќе биде објавена на владиниот портал „Госуслуги“.
До сега поканите за воен рок во Русија требаше да се доставуваат лично или преку работодавачот. Тоа значеше дека многумина избегнуваа регрутација, напуштајќи го местото каде што биле регистрирани дека живеат или едноставно не отварајќи ја вратата кога ќе заѕвонат воените службеници. Се проценува дека околу 700.000 Руси избегнале регрутирање откако Владимир Путин најави мобилизација. Многумина избегаа во Казахстан, Србија, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Грузија. За време на првиот бран на мобилизација светот го обиколија драматични снимки од воени лица кои апсат мажи на улиците на руските градови, обидувајќи се да им предадат покани за служење војска. На социјалните мрежи се појавија бројни видеа на кои се гледа како мажи бегаат од воените службеници на станиците на метроата или како се борат со нив на подот во трговските центри. Минатогодишната мобилизација предизвика незадоволство и протести кај граѓаните, бидејќи многумина од мобилизираните мажи беа од најсиромашните региони во Русија, додека привилегираните синови на политичарите рекоа дека нема да се борат во Украина и избегаа од земјата.
Според новите правила, електронските покани за служење воен рок во армијата ќе се издаваат преку порталот „Госуслуги“, кој вообичаено се користи за сите видови државни плаќања и услуги, вклучувајќи плаќање даноци, издавање пасоши, закажување лекарски прегледи и многу други услуги.

НОВИ ПРАВИЛА

Мажите на возраст меѓу 18 и 27 години ќе бидат повикани на воена служба во Русија, но покани може да ја добијат и резервистите. Според законот, „Госуслуги“ ќе треба да им ги достави на воените оддели личните податоци на мажите на возраст за воена служба, вклучувајќи и лични документи, даночни броеви, информации за возачка дозвола, телефонски броеви и други информации. Универзитетите, работодавците, болниците и клиниките, владините оддели, безбедносните агенции, изборните комисии и даночните власти, исто така, се обврзани да испратат податоци за работоспособните мажи до Армијата.

-Поканата се смета за примена од моментот кога ќе биде испратена на личната сметка на воениот обврзник, изјави претседателот на Комитетот за одбрана на рускиот Парламент, Андреј Картаполов.
Од тој момент, регрутот ќе треба да се пријави во неговиот локален оддел за регрутирање. Граѓаните кои нема да се јават на поканата, ќе добијат забрана за патување во странство и може да се соочат со низа други санкции. На пример, нема да можат да купуваат или продаваат недвижен имот, ќе им бидат одземени возачките дозволи, нема да можат да регистрираат мали бизниси или да работат како хонорарци и нема да можат да земаат кредити или позајмици. Оние кои ќе ги избришат своите сметки на веб-страницата „Госуслуги“, ќе се смета дека на се одзвале на мобилизацијата и може да бидат уапсени и казнети. Воените оддели, исто така, можат да регистрираат регрути и во нивно отсуство, отфрлајќи ја досегашната практика каде што регрутите мораа лично да се појават за да потпишат формулари и да поминат медицински преглед.
Иако воените регрути не би требало да бидат распоредени во воени зони, вклучително и Украина, оние кои веќе ја завршиле својата задолжителна воена служба изјавија дека биле под силен притисок од нивните претпоставени да потпишат воени договори, што ги прави подобни за распоредување на првата линија на фронтот.
Новите правила укажуваат на потребата на Русија за поголем број војници по главно неефикасната зимска офанзива, која, и покрај големите жртви, постигна мал успех, а во пресрет на очекуваната нова украинска контраофанзива. Според објавените американски документи, се проценува дека од почетокот на војната во Украина биле убиени или ранети меѓу 189.500 и 223.000 руски војници.
Руското Министерство за одбрана неодамна регрутира стотици затвореници, нудејќи им договори од 18 месеци за да се борат во војната во замена за помилување, откако на платеничката група „Вагнер“ ѝ беше оневозможено да регрутира во затворите. Војската, исто така, неодамна почна да нуди руски пасоши на странците кои ќе им се приклучуваат на руските Вооружени сили и започна кампања за доброволно регрутирање.

Контраофанзивата бара нови војници

Со недостиг на војници се соочува и Украина, кој од почетокот на инвазијата регистрира меѓу 124.000 и 131.000 загинати или ранети војници, според неодамна објавените американски документи, што е пет пати повеќе отколку што Киев јавно тврди.
Долгоочекуваната контраофанзива на Украина ќе бара нови војници и поискусни трупи неодамна обучени за користење на западната опрема. Украина воведе и нови правила за полесна и побрза мобилизација на мажите на возраст за воени обврзници. Претходно, воените службеници мораа да доставуваат хартиени покани до домовите на луѓето, што некои мажи ги избегнуваа со престојување на различни адреси од оние на кои беа официјално регистрирани. Но, новите правила го проширија опсегот на места каде мажите може да бидат запрени и испрашувани за нивниот статус во воената служба.
Воената состојба што е во сила во Украина од февруари 2022 година, им забранува на повеќето мажи на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата. Според правилата за мобилизација, секој маж на таа возраст теоретски може да биде повикан во војската. Има исклучоци, вклучувајќи студенти, родители на три или повеќе деца под 18 години, негуватели на лица со посебни потреби и оние кои се сметаат за медицински неспособни.
Украинската армија долго време се потпира на доброволци. Но, сега многу Украинци, дури и оние кои работат како волонтери или извршуваат други корисни работи како цивили, повеќе не можат да ја избегнат мобилизацијата. Други се надеваат дека волонтерството за воена служба ќе им даде подобра обука и престиж отколку кога би биле регрутирани.
Од почетокот на февруари, повеќе од 5.000 луѓе се пријавиле за учество во контроверзниот баталјон „Азов“, кој е интегриран во Украинската национална гарда. Според сопствените правила, „Азов“ ги прифаќа само оние кои самите се пријавуваат, не регрутира и го задржува правото да ги одбие оние за кои не верува дека би му одговарале. Како што велат, тоа им овозможува да ги изберат најмотивираните војници.
Другите цивили, кои се уште не сакаат да се пријават во војската, почнаа да се подготвуваат во случај да бидат повикани – посетуваат приватни обуки за да не треба да почнуваат од нула кога ќе бидат регрутирани.