Таравари за незаконското доделување инвалидски пензии: Сите што грешат мора да одговараат

Како министер за здравство стоиме на располагање за откривање на криминалот и корупцијата во здравството, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање за полициската акција за незаконското доделување инвалидски пензии.

Таравари потсети дека имало и претходен случај во Државниот геријатриски центар, кога директорот бил фатен како зема поткуп од 20 илјади евра.

„Имаше акција во Геријатрија, тој беше член на нашата партија, следниот ден го разрешив од директорската функција и утредента го исклучивме од партијата. Ниту сме полиција, ниту јавен обвинител, ниту следиме луѓе. Сепак, ги поздравувам сите овие постапки“, рече Таравари.

Тој посочи дека има информации за злоупотреби од вработени во здравствените установи, но, како што вели, не сака да генерализира и не се сите лекари такви.

,,Но, таму каде што има сомнежи, ги поддржувам со сета почит и стоиме тука како министер за здравство да помогнеме во сите вакви акции за расчистување на криминалот и корупцијата“, рече Таравари.