Таравари: Ние како AА ќе излеземе со свои листи и кандидати на локалните избори: мило ми е што ВЛЕН стана партија
Министерот за здравство, Арбен Таравари, ѝ честиташе на коалицијата ВЛЕН за спојувањето во една партија и им посака успех. Тој вели дека е многу среќен што трите партии од албанскиот блок се споија во една.
„Ние како Алијанса ќе излеземе со наши листи и најверојатно и со наши кандидати за градоначалник. Во моментов немаме одлука бидејќи не сме дел од (парламентарната група ВЛЕН). Доколку се иницира, имаме пет наши пратеници и тие ќе продолжат како пратеничка група, а ВЛЕН ќе има своја пратеничка група“, изјави денес Таравари.
Тој појасни дека е против одржување предвремени парламентарни избори. Според Таравари, постои стабилно владино мнозинство, без оглед на тоа дали неговата Алијанса е дел од Владата.
„Мислам дека треба да има локални избори. Важно е да излеземе со најдобри можни резултати на локалните избори и тоа е нашата цел, да освоиме што е можно повеќе општини“, додаде Таравари.
Тој рече дека во наредните денови ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. Нема точен датум, но тие ќе бидат во комуникација штом премиерот се врати од Шпанија.