ТАЈНАТА ВЕЧЕРА ВО МОСКВА – Собир на руската елита: Сите зборувале за мир а кога Песков станал со неговиот говор ги шокирал сите
Една обична вечер кон крајот на декември 2022 година, група стари пријатели се собрале во Москва во станот на висок владин функционер, пишува The Guardian.
Меѓу гостите имало и членови на културната и политичката елита во Руската Федерација, а наздравувајќи за доаѓањето на новата година, тие изразиле надеж за враќање на мирот и нормалниот живот.
Како што одминувала ноќта, еден човек за кого не треба посебен вовед станал и ја подигнал чашата за да наздрави.
„Претпоставувам дека очекувате да кажам нешто“, им рекол Дмитри Песков, долгогодишниот портпарол на Владимир Путин, тврди еден од двајцата луѓе кои зборувале одделно за весникот The Guardian за тоа што се случувало таа вечер под услов да останат анонимни.
„Работите ќе станат многу потешки. Сето ова ќе трае многу, многу долго“, им кажал Димитриј Песков на пријателите.
Неговото наздравување го нарушило расположението кај гостите, од кои многумина приватно се противат на војната во Украина.
„Беше многу непријатно да се слуша тој говор. Тоа беше јасно предупредување дека војната ќе продолжи уште долго и дека треба да се подготвиме за долга битка“, кажал еден од гостите за споменатиот весник.
Повеќе од една година од почетокот на инвазијата, која според првичните руски планови требаше да трае само неколку дена или недели, Владата на Владимир Путин го подготвува руското општество за можност за повеќегодишен конфликт во Украина.
Зборувајќи неодамна пред работниците во фабриката за авиони во регионот Бурјат, Владимир Путин уште еднаш нагласи дека војната всушност е егзистенцијална борба за опстанок на Русија.
„За нас ова не е само геополитичка задача, туку прашање на опстанок на руската држава и создавање услови за идниот развој на нашата земја и нашите деца“, кажа тогаш Владимир Путин.
„Тој говор беше сличен на претходните говори“, изјавил политичкиот аналитичар Максим Трудољубов и додал: „Со овој говор рускиот претседател се доближува до она што набљудувачите го нарекуваат ‘вечна војна’ со Западот“.
„Владимир Путин практично престана да зборува за некои конкретни цели на оваа војна. Ниту пак предложи некаква визија за тоа како треба да изгледа идната победа. Војната нема ниту вистински почеток, ниту предвидлив крај“, вели Трудољубов.
За време на обраќањето на Владимир Путин за состојбата на нацијата минатиот месец, рускиот претседател ги повтори своите поплаки против Западот, нагласувајќи дека Москва се бори за опстанок и на крајот ќе победи.
Скриената порака до народот била, како што вели Трудољубов, дека војната во Украина нема да заврши толку брзо и дека Русите мора да научат да живеат со неа.
Западните официјални лица велат дека со неверување го слушале говорот на Владимир Путин во февруари, гледајќи дека рускиот претседател планира да ги удвои своите воени напори со многу малку простор за повлекување.
Еден западен дипломат во Москва го опиша говорот на Владимир Путин како порака до нацијата да се подготви за „војна без крај“.
Истиот дипломат кажа дека – „Владимир Путин никогаш не може да го прифати поразот во војната, бидејќи се чини дека воопшто не разбира како е да се изгуби“.
Тој додаде дека Владимир Путин не го преиспитува конфликтот, и покрај големите загуби и неуспеси во изминатата година. Дипломатот нагласи и дека рускиот претседател е поранешен оперативец на КГБ, а тие се обучени секогаш да ги извршуваат своите цели и да не ги доведуваат во прашање истите.
Други рекоа дека рускиот претседател, кој, според западните разузнавачи, лично носи тактички и оперативни одлуки во Украина, целосно престанал да ја споменува ситуацијата во Украина во своите јавни говори.
Според анализата на неговите говори од рускиот медиум Verstka, Владимир Путин последен пат ги спомнал борбите во Украина на 15. јануари кога рекол дека динамиката на неговата војска е „позитивна“.
„Ова покажува дека на Кремљ му е тешко да прифати дека не е способен да го промени текот на настаните на бојното поле“, вели Владимир Гелман, кој предава руска политика на Универзитетот во Хелсинки.
„Полесно е да не се зборува за војна ако вашата армија не напредува“, вели Гелман и додава: „Но, повлекувањето не е опција за Владимир Путин бидејќи тоа би значело признавање на поразот“.
Руското раководство првично мислеше дека конфликтот ќе трае само неколку недели пред да прогласи победа, според плановите добиени од западното разузнавање на почетокот на војната кој беа јавно објавени подоцна.
Во текот на зимата, западните воени аналитичари ги предупредија украинските власти дека Русија, мобилизирајќи уште 300.000 војници, се подготвува за нов голем напад.
Но, офанзивата на Москва на фронтот широк 200 километри во Украина, која започна во февруари, донесе многу малку придобивки со огромен број на жртви. Западните власти проценуваат дека досега се убиени или ранети околу 200.000 руски војници.
„Русија едноставно нема капацитет или способност за голема офанзива“, тврди американскиот воен експерт Роб Ли.
Според него, помалку од 10 отсто од руската армија во Украина е способна за офанзивни дејства, а повеќето војници се слабо обучени регрути.
„Нивните сили може полека да извојуваат неколку мали победи, но немаат капацитет да ги пробијат украинските одбранбени линии на начин што би го променил текот на војната“, објаснува тој за споменатиот весник.
За да ги подобри долгорочните перспективи на својата војска, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу предложи да се зголеми бројот на војници од 1,15 милиони на 1,5 милиони.
„Гледаме дека Русија се подготвува за долга војна. Владимир Путин смета на фактот дека ресурсите на неговата земја ќе ги надминат оние на Украина кога Западот ќе се измори да му помага на Киев“, вели Ли.
И покрај неуспесите на бојното поле во Украина, Кремљ успешно ги надмина сите потенцијални реакции против војната дома, уништувајќи ги остатоците од руското граѓанско општество и менувајќи го лицето на земјата во тој процес.
„Многумина во земјата сега целосно прифаќаат дека оваа војна нема да исчезне и веруваат дека мора да научат да живеат во нова реалност“, вели Андреј Колесников, виско соработник во Фондацијата Carnegie кој ги проучува јавните ставови кон војната од нејзиниот почеток.
Колесников кажува дека – „способноста и волјата на населението да се прилагоди на новата реалност се покажаа многу посилни отколку што очекуваа многу аналитичари“.
Кога Владимир Путин нареди регрутирање на 300.000 резервисти во септември, социолозите забележаа рекорден пораст на страв и вознемиреност, бидејќи мажите, како и нивните сопруги, мајки и ќерки, беа многу загрижени за испраќање нови војници на бојното поле.
„Но, за неколку месеци стравот стивна“, вели Колесников.
„Пропагандната кампања беше успешна и покрај првичната неподготвеност на луѓето“, кажува извор близок до Кремљ, мислејќи на раните антивоени протести, кои резултираа со повеќе од 15.000 апсења низ целата земја во првите недели по инвазијата.
„Владата успеа да собере луѓе околу знамето. Начинот на кој беше поставен конфликтот ги охрабри луѓето да го прифатат истиот“, додава изворот.
Со сета моќ на располагање, Владата на Русија почна да ја шири и спроведува пораката дека војната е неопходна за самиот идентитет и опстанок на Русија.
Националната телевизија се префрли од емитување лесна забава на емитување на агресивни политички ток-шоуа.
Во меѓувреме, училиштата добија инструкции да додадат основна воена обука и „патриотски“ лекции во нивните основни предмети кои имаат за цел да ја оправдаат војната во Украина. Реториката на државата, вклучително и повиците на Владимир Путин да се ослободи од „ѓубрињата и предавниците“, доведе до бран обичните Руси да се свртат против своите колеги, па дури и пријателите.
„Земјата полуде“, вели Алексеј, поранешен наставник по историја во елитен интернат во близина на Москва, кој неодамна се откажа откако не се согласи со администрацијата околу новата „патриотска“ наставна програма. „Морав да престанам да разговарам со колегите и пријателите. Живееме во различни реалности“, тврди тој.