Цените на израелските акции и обврзниците паднаа, а многу бизниси беа затворени еден ден откако палестинската група Хамас започна напад врз државата Израел.
Клучните индекси на акциите на Тел Авив сега се пониски за речиси седум отсто, најмногу поради девет отсто пад на акциите на банките при промет од 573 милиони долари, а цените на државните обврзници паднаа за цели три отсто, пренесува Ројтерс.
Главниот економист на компанијата „Лидер капитал маркетс“ Џонатан Кац оцени дека нападите на Хамас ќе продолжат, што на крајот ќе има понегативно влијание врз економијата и фискалниот буџет.
Откако борците на Хамас започнаа напади врз Израел во саботата рано наутро, израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич рече дека им наредил на властите во Министерството да ги обезбедат потребните буџетски средства за војната што е можно поскоро.
Банката на Израел соопшти дека е премногу рано да се процени економската штета од конфликтот, но потсети дека 50-дневната војна со милитантите на Хамас во Газа во 2014 година предизвика штета од 3,5 милијарди шекели, или 0,3 отсто од бруто домашниот производ.
Nvidia, најголемиот светски производител на чипови кои се користат за вештачка интелигенција и компјутерски графички картички, соопшти дека го откажала самитот за вештачка интелигенција што требаше да се одржи во Тел Авив следната недела.
Многу компании им дадоа слободни денови на вработените, а повеќето продавници, освен супермаркетите и аптеките, се затворени.
Асоцијацијата на израелски производители соопшти дека фабриките сè уште работат за да избегнат недостиг на храна и други основни производи.
„Сите компании ќе продолжат да работат колку што е можно повеќе и покрај тешките вонредни услови, ракетните напади и недостигот на работна сила“, рече претседателот на здружението Рон Томер.