Трамп воведе дополнителни тарифи за Индија за купување руска нафта: Стапката за оваа земја сега е 50 проценти
Белата куќа официјално објави дека воведува дополнителни царини од 25 проценти за Индија поради директен или индиректен увоз на руска нафта.
Вкупната царинска стапка за оваа земја сега ќе биде 50 проценти.
Тарифата беше воведена со претседателска извршна наредба потпишана денес од американскиот претседател Доналд Трамп.
Во декретот, објавен на веб-страницата на Белата куќа, се наведува:
„Добив дополнителни информации од разни високи функционери во врска со, меѓу другото, активностите на Владата на Руската Федерација во врска со ситуацијата во Украина. По разгледувањето на овие дополнителни информации, меѓу другото, верувам дека националната вонредна состојба опишана во Извршната наредба продолжува и дека активностите и политиките на Владата на Руската Федерација продолжуваат да претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Американски Држави.“
Трамп пред два дена објави дека планира драстично да ги зголеми царините за Индија поради купувањето руска нафта.
„Индија не само што купува огромни количини руска нафта, туку го продава поголемиот дел од нафтата што ја купува на отворениот пазар за огромни профити. Не им е гајле колку луѓе се убиени во Украина од страна на руската воена машинерија. Затоа значително ќе ги зголемам царините што Индија им ги плаќа на САД“, напиша Трамп на Truth Social.