Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека Пентагон му доделува договор на Боинг за производство и одржување на борбен авион од шестата генерација, кој ќе се вика Ф-47.
Трамп го опиша новиот авион како „нешто што никој досега не го видел“.
Говорејќи во Овалната соба на Белата куќа заедно со секретарот за одбрана Пит Хегсет и водачите на американските воздухопловни сили, Трамп рече дека развојот на овој нов борбен авион „долго се подготвува“ и дека Боинг ќе го изгради по „ригорозна и темелна конкуренција меѓу водечките американски воздушни компании“ за програма позната како „Воздушна доминација на следната генерација“.
Трамп додаде дека новиот F-47 ќе биде „најнапредниот, најспособниот и најсмртоносниот авион некогаш изграден“ и дека експерименталната верзија на овој авион „лета во тајност речиси пет години“.
– Уверени сме дека овој авион ги надминува можностите на која било друга земја… Секој друг авион што сум го видел, секој од нив, не е ни блиску до овој. Тој е речиси невидлив и има невидена сила. Има најголема моќ од сите млазни авиони од овој тип што некогаш биле изградени.
„Никогаш досега не е направено ништо слично “, рече Трамп.
Американскиот претседател заклучи дека непријателите на Америка „никогаш нема да можат да видат што доаѓа“ доколку овој авион се користи во борба, и рече дека противниците „нема да знаат што ги погодило кога ќе се соочат со флота од овие прекрасни авиони”.
Овој потег е во согласност со новата стратегија на Пентагон насочена кон спротивставување на беспилотните летала, или системи за автономни беспилотни летала, кои се очекува да доминираат на бојното поле во наредните години, особено кога се борат против противниците како Кина и Русија.