Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва денес изјави дека Бразил и САД утре ќе одржат преговори за царините.
„Трамп ми се јави и побарав средба без формалности“, рече Лула на настан во Рио де Жанеиро, објави Ројтерс.
Неименуван извор за агенцијата изјавил дека бразилскиот министер за надворешни работи Мауро Виеира е со тим во Вашингтон за да се подготви за состанокот, кој беше договорен со американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела.
Лула и Трамп имаа разговор минатата недела, за време на кој Трамп го овласти Рубио да ги продолжи преговорите за тарифите со бразилските претставници.
Во јули, Трамп воведе царини од 50 проценти за повеќето бразилски производи, санкционираше судија на Врховниот суд и им ги одзеде визите на неколку владини претставници како одмазда за она што го нарече „лов на вештерки“ во судењето на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кој беше осуден на 27 години затвор за заговор за државен удар.