Трамп му се закани на Иран: Ако ги нападнете нашите бази, ќе ја почувствувате целосната моќ на американската војска

Американскиот претседател Доналд Трамп објави директна закана до Иран, земјата што беше нападната од Израел пред неколку ноќи, на својата социјална мрежа TruthSocial.

На почетокот на објавата, Трамп инсистираше дека Америка не е вклучена во овој конфликт и упати закана до Иран.

„САД немаа никаква врска со нападот на Израел. Доколку Иран нè нападне на кој било начин, тие ќе ја почувствуваат моќта и силата на американската војска на ниво невидено досега“, напиша Трамп.

Американскиот претседател, исто така, рече дека овој конфликт може „лесно да се реши“ и дека може да се постигне договор.

Да потсетиме дека иранското раководство директно ги обвини САД, Велика Британија и Франција за помагање на Израел во нападите врз Иран, но и во одбраната од иранските одговори на нападите.

Покрај овие обвинувања, Техеран им се закани и на овие и на други земји дека нивните бази ќе бидат цел на напади доколку продолжат да му помагаат на Израел.

Треба да се додаде и дека конфликтот започна со нападот на Израел врз разни цели во Иран, кој го извршија во петокот.