Американскиот претседател Доналд Трамп го негираше извештајот на „Волстрит џурнал“ дека ги одобрил американските планови за напад врз Иран, велејќи дека весникот „нема поим“ што мисли тој за израелско-иранскиот конфликт.
„Волстрит џурнал нема поим што мислам за Иран“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social, како одговор на извештајот на весникот.
„Волстрит џурнал“, повикувајќи се на тројца анонимни функционери, вчера објави дека Трамп еден ден претходно им кажал на високите помошници дека одобрил планови за напад врз Иран , но го одложува давањето на конечната наредба за да види дали Техеран ќе се откаже од својата нуклеарна програма.
Неименуван американски функционер подоцна за „Аксиос“ изјавил дека одлуката на Трамп зависи од тоа дали масивна ракета со боева глава
(MOP) ќе го уништи иранскиот погон за збогатување ураниум во Фордоу, објави „Гардијан“.
Трамп вчера им рече на новинарите дека „има идеја што да прави“, но дека не донел „конечна одлука“.
„Можеби ќе го направам тоа, можеби нема. Следната недела ќе биде многу важна, можеби помалку од една недела“, рече Трамп.
Иранската мисија во Обединетите нации издаде соопштение во кое се наведува дека „Иран не преговара под принуда“ и дека „нема да прифати мир под принуда“.
Неизвесноста околу директното вклучување на САД во конфликтот доаѓа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече Трамп „голем пријател на Израел“ и му се заблагодари „за тоа што стои“ покрај земјата.
По израелскиот напад врз Иран на 13 јуни и конфликтот во кој Иран оттогаш испали голем број ракети и беспилотни летала кон Израел, Пентагон испрати повеќе воени бродови на Блискиот Исток, вклучувајќи три разорувачи на морнарицата и две ударни групи на носачи на авиони, додека Стејт департментот ја зголеми помошта за американските граѓани на кои им беше советувано да го напуштат регионот.