Трајно решение за функционерските плати треба да биде една од првите задачи на новиот Парламент, смета Пендаровски

– Предложените измени на Законот за плати на функционерите со намалување на коефициентите, според актуелниот претседател Стево Пендаровски, не се трајно решение. Тоа, смета тој, треба да биде една од првите задачи на новиот Парламент. 

– Коефициентот од 4,5 или за пратеници од 3,5 до 3,7 зависно од нивото во Парламентот, е превисок според мене. Се согласувам дека ова не е трајно решение затоа што државата е сиромашна и граѓаните се сиромашни. Просечната плата расте, меѓутоа, сепак, тоа е далеку од европскиот просек кајшто се можни вакви плати, од три илјади евра за највисоките функционери. Меѓутоа, бидејќи сме во време на техничка Влада и во предизборие, според мене тоа треба да биде една од првите задачи на следниот Парламент, оценува Пендаровски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која ја промовираше својата кандидатура.

Според него, добро е што власта реагирала со измени на законите, но смета дека и тоа е задоцнето, а го посочува и фактот што и опозицијата по ова прашање била, вели, исклучително тивка.

– Има начини, прашање е дали има политичка волја тоа да се направи и повторно акцентирам – ме зачудува што не партиите на власт што се досега, туку ниеден од опозицијата не кажа ништо, ниту пак го кажа она што го реков јас кога немав друго решение дека разликата од старата до новата плата ќе ја донирам, вели Пендаровски.

Потсети дека пред пет-шест месеци кога јавно побарал промена на коефициентот да ја поддржат сите партии во Парламентот, бил критикуван и оти оправдан е гневот на граѓаните по зголемувањето на функционерските плати за 78 проценти.