Тридневна жалост во Црна Гора за масакрот во Цетиње: Мартиновиќ уби 12 жртви на 5 различни локации, застрела роднини, пријатели… (фото)
Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост поради масовното убиство во Цетиње каде загинаа 12 лица, меѓу кои две деца, додека лекарите од Клиничкиот центар во Подгорица се борат за животите на уште четворица.
– Александар Мартиновиќ ги уби жртвите на пет различни локации во тој град – оваа информација ја потврди обвинителката Андријана Настиќ, откако беше спроведена истрага на сите локации.
Истовремено, локациите, како што прецизирала, биле далеку една од друга.

На првата локација, во кафаната „Велестово“ во центарот на градот загинаа четири лица. На втората локација убил уште четири лица, а на третата две – деца на возраст од 10 и 13 години. Мартиновиќ убил уште по едно лице на четвртата и петтата локација, објави Настиќ.
После тоа, Мартиновиќ си пукал во глава во населбата Хумци во Цетиње, во близина на куќата во која живеел, а на пат кон болница починал.
Освен 12-те загинати, рани и четири лица – сите се во тешка состојба, а оперирани се во КЦЦГ.
Како што претходно соопштија од полицијата, Мартиновиќ цел ден консумирал алкохол во кафаната „Велестово“ која се наоѓа недалеку од Спортскиот центар и Влашката црква. Во еден момент влегол во конфликт со едно лице, по што отишол дома, се вратил во кафеаната, а потоа настанал масакрот.
Меѓу убиените има и блиски роднини и пријатели на Мартиновиќ, потврди полицијата.