Три членки на НАТО ќе го забрзаат распоредувањето војници на источното крило

Германија, Холандија и Полска во вторникот потпишаа договор со цел да ја намалат бирократијата што го попречува брзото прекугранично распоредување на војници и оружје на еден од главните коридори од Северното Море кон источното крило на НАТО.

Поради руската инвазија во Украина во февруари 2022 година, НАТО и Европската унија, блоковите кои главно се составени од истите земји членки, почнаа да ги забрзуваат подготовките во случај на воен конфликт со Русија.

Во такво сценарио, САД и другите сојузници на НАТО ќе мора да испратат големо воено засилување преку пристаништата во Северното Море на таканаречениот источен фронт преку Германија и Полска.

НАТО моментално ја спроведува својата најголема воена вежба од крајот на Студената војна, наречена „„Steadfast Defender“ (Непоколеблив бранител 2024), во којашто учествуваат речиси 90.000 војници.

Говорејќи на состанокот во Европската агенција за одбрана во Брисел, холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен рече дека е клучно да се создадат услови кои ќе овозможат брзо распоредување на воените сили пред да избие каков и да е можен конфликт.

„Географијата е таква каква што е. Тоа значи дека мора да можете брзо да се движите од Холандија преку Германија до Полска“, рече таа пред претставниците на трите земји да потпишат писмо со намери за зајакнување на соработката во воената мобилност, во која може да се вклучат и други партнери.

НАТО ги предупредува земјите-членки дека преголемата бирократија го попречува движењето на војниците низ Европа, што може да предизвика големи одложувања во случај на конфликт со Русија.

„Ни истекува времето. Она што не го правиме во мир нема да биде подготвено во случај на криза или војна“, изјави за Reuters кон крајот на минатата година, генерал-полковник Александар Солфранк, командант на Здружената команда за поддршка и развој на силите на НАТО.