„Ова единство и сплотеност помеѓу нашите народи искажано во овој исклучителен период, претставува едно скапоцено наследство кое ќе им го пренесеме на идните генерации“.
Амбасада на Турција во Скопје изрази благодарност до високите претставници и институции на Северна Македонија за искажаната солидарност со Турција по земјотресот кој ја погоди земјата на 6 февруари, пренесува Анадолу.
Турската Амбасада ова го истакна преку соопштение објавено на социјалните мрежи.
Според соопштението, Северна Македонија ги мобилизирала сите свои капацитети во насока на поддршка на спасувачките активности во регионите погодени од катастрофалниот земјотрес кој се случи на 6 февруари во Турција, како и за собирање и пренесување на материјална и финансиска помош за настраданите.
„Народот на Северна Македонија, по настанатата катастрофа, во духот на солидарноста, како и вековното братско пријателство, се соедини со турскиот народ. Ова единство и сплотеност помеѓу нашите народи искажано во овој исклучителен период, претставува едно скапоцено наследство кое ќе им го пренесеме на идните генерации“, се вели во соопштението.
„Во име на Амбасадата на Република Турција во Скопје изразуваме најсрдечно благодарност до претседателот, Собранието, Владата, јавните институции и општините на Република Северна Македонија, како и до бизнис-заедницата, Црвениот крст, невладините организации, образовните институции, медиумите, уметниците и целиот народ за искажаната моќна солидарност и признателност“, се додава во соопштението на турската Амбасада.