Турскиот министер за надворешни работи го осуди палењето на Куранот во Шведска

„Неприфатливо е да се дозволат овие исламофобични антимуслимански дела под изговор слобода на изразување“

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, денес го осуди палењето на Светата книга на муслиманите, Куранот, во Шведска на првиот ден од празникот Курбан бајрам, пренесува Анадолу.

„Го осудувам ужасниот потег во Шведска против нашата Света книга, Куранот, на првиот ден од Курбан бајрам!“, напиша Фидан на Твитер.

„Неприфатливо е да се дозволат овие исламофобични антимуслимански дела под изговор слобода на изразување“, додаде тој.

„Да се замижува пред таквите свирепи дејства значи да се биде партнер во престапот“, рече тој.

Реакцијата на Фидан дојде откако шведските власти дадоа дозвола за протест со палење на Куранот пред една џамија.

Во меѓувреме, Омер Челик, портпаролот на турската Партија за правда и развој (АК Партија), рече: „Го осудуваме одобрувањето од страна на шведските власти на барањето за палење на Куранот пред џамија на Курбан бајрам.“

„Силно го осудуваме ставот на шведскиот Врховен суд за заштита на злосторствата од омраза. Секое непочитување е злосторство против човештвото. Ќе продолжиме да се бориме против овие одвратни дела на најсилен можен начин на сите политички и правни основи“, додаде Челик.