Вкупно 189 турски државјани, кои беа евакуирани во Етиопија од Судан, се вратија во својата земја утринава, додека борбите во главниот град Картум меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) продолжуваат веќе втора недела.
Авионот на националната авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“, кој полета од главниот град на Етиопија, Адис Абеба, со 189 патници, слета на аеродромот во Истанбул еден час по полноќ по локално време.
Меѓу евакуираните е и Наџи Акѓун, кој води бизнис со мебел во Судан. По избувнувањето на војната, тој мораше да остави сè зад себе и да се врати.
Изразувајќи благодарност до турските власти за нивните напори да ги евакуираат од Судан, Акѓун рече дека условите се тешки бидејќи сите земји во исто време сакаат да ги евакуираат своите граѓани.
„Бог да ја благослови нашата земја. Ние сме првата група што се врати во Туркије. Многу сме среќни. Им благодариме на турските амбасади во Судан и Етиопија“, рече тој, пренесе ТРТ БАЛКАН.
Турски дипломатски извори објавија дека повеќе од 1.600 турски државјани биле превезени со автобуси од Судан до Етиопија.
„До етиопската граница стигнавме за 12 часа. Таму останавме уште четири часа заради. Продолживме по патот уште четири часа. Останавме во воена единица. Не нѐ пуштија да одиме напред бидејќи беше поминато 18 часот. Таму нѐ задржаа до девет часот наутро. Ни понудија чај, кафе, вода и храна. Оттаму нѐ пренесоа до најблискиот аеродром“, изјави Акѓун.
Неименувани дипломатски извори потврдија дека продолжуваат напорите на Министерството за надворешни работи за евакуација на турските државјани од Судан преку Етиопија.
Изворите велат дека турските државјани прво биле пренесени од суданско-етиопската граница до аеродромот во пограничниот град Гондар со возила обезбедени од турската Амбасада во главниот град на Етиопија, Адис Абеба.
Потоа тие полетаа за Адис Абеба со авиони изнајмени од „Етиопија ерлајнс“ и беа донесени во Туркије на релација Адис Абеба – Истанбул.
„Уличните борби продолжуваат. Господ нека му помогне на суданскиот народ. Нашите судански браќа се добри луѓе. Судан е прекрасна земја. Се надеваме дека ќе закрепнеме и ќе се вратиме“, рече тој.
Мехмет Казан, уште еден евакуиран турски државјанин од Картум, им се заблагодари на амбасадорите, на турскиот претседател и на сите што им помогнале безбедно да стигнат до својата татковина.
„Излеговме од војната. Бевме заштитени со тоа што останавме дома, тоа беа многу тешки денови, навистина ја доживеавме војната. Нашиот процес на евакуација беше тежок, но, за среќа, се заврши добро“, рече Казан.
Тој додаде дека турскиот амбасадор во Картум бил од голема помош и дека во најкраток можен рок ги евакуирал од главниот град на Судан.
Најмалку 459 лица загинаа, а 4.072 се ранети во вооружените судири во Картум, главниот град на Судан.
Судирите во Судан ескалираа на 15 април со борби меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка во и околу Картум.
Во текот на последниве месеци несогласувањата меѓу армијата и паравоените единици се разгореа околу воената безбедносна реформа. Реформата предвидува целосно учество на РСФ во армијата, што е едно од главните прашања во преговорите меѓу меѓународните и регионалните страни за транзиција кон цивилно, демократско владеење во Судан.