Унгарецот Јозеф Шебестјен (45) од регионот Закарпатија во Украина почина во болница три недели откако полицајци од Територијалниот центар за регрутација го приведоа на улица, го натераа да влезе во минибус, го однесоа до местото за регрутација и го претепаа со метални прачки, објави весникот „Мајар Немзет“.
Во меѓувреме, се обрати и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој изјави дека унгарско-украинскиот државјанин од Закарпатија, кој почина откако наводно бил претепан за време на принудна регрутација во Украина, е „еден од нас“ и дека случајот мора сериозно да се истражи.
– Жртвата припаѓа на нашата заедница, не само во културна и национална смисла, туку и во смисла на јавното право – рече Орбан во интервју за јавното радио „Кошшут“, пренесува МТИ.
Премиерот ги отфрли, како што изјави, „претпазливите формулации“ во медиумските извештаи, истакнувајќи дека човекот „не само што бил регрутиран против негова волја, туку и претепан до смрт“.
Орбан додаде дека тоа е „случај што мора да се истражи“. Тој, исто така, предупреди за поширокиот безбедносен контекст, велејќи дека „живееме во ера на опасност“ и дека „секој збор и одлука во овој момент може да има значење“.
Украинскиот амбасадор во Будимпешта беше повикан во унгарското Министерство за надворешни работи бидејќи, како што се наведува, еден Унгарец од Закарпатија починал во Украина од повредите здобиени за време на присилната мобилизација.