Уништувањето на шумите во Амазонија е намалено за 31 отсто откако Лула е претседател на Бразил

Уништувањето на шумите во бразилска Амазонија е намалено за 31 отсто во првите пет месеци откако претседателот Луис Инасио Лула да Силва дојде на власт, во споредба со истиот период минатата година, соопштија властите.

Сателитски снимки открија дека од јануари до мај, 1.986 квадратни километри шумска површина биле уништени во бразилскиот дел од најголемата прашума во светот, што е помалку од 2.867 квадратни километри забележани во истиот период во 2022 година, според бразилската агенција за вселенски истражувања.

Податоците од вселенската агенција ИНПЕ се добра вест за еколошките здруженија кои ги полагаат своите надежи во Лула, кој ја презеде претседателската функција на 1 јануари и вети дека ќе се заложи за ставање крај на нелегалното уништување на шумите по напливот на сеча и пожарите во Амазонија за време на неговиот претходник екстремниот десничар Жаир Болсонаро.

Кога Болсонаро, сојузник на моќниот земјоделски сектор, беше претседател, просечното годишно уништување на шумите се зголеми за повеќе од 75 отсто во споредба со претходната деценија.

Лула во понеделникот го одбележа Светскиот ден на заштита на животната средина со најава на обемен нов план за борба против уништувањето на шумите, со стотици цели, вклучително и итно запленување на половина од територијата која нелегално се искористува за сеча, земјоделство, рударство и други активности на заштитено земјиште.

– Бразил игра голема улога во рамнотежата на климата на нашата планета, главно благодарение на Амазонија, рече Лула.

– Спречувањето на уништувањето на шумите во Амазонија, исто така, помага да се намали глобалното затоплување, додаде тој.

Експертите тврдат дека вистинскиот тест за бразилската Влада во врска со уништувањето на шумите ќе почне во наредните месеци, бидејќи сушната сезона во Амазонија почнува околу јули, која вообичаено е најинтензивната сезона за уништување на шумите и шумски пожари.

Администрацијата на Лула се соочи со серија еколошки пречки оваа недела во бразилскиот Конгрес, каде конзервативните ривали на претседателот имаат мнозинство.

Минатата недела, конгресмените усвоија закон со кој се намалуваат овластувањата на министерствата за животна средина и домородни прашања и драматично се намалува заштитата на домородните територии.