Федералните резерви на САД денеска ја зголемија референтната каматна стапка за 0,25 отсто во обид да се бори против постојано високата инфлација, а во исто време да се справи со ризиците за финансиската стабилност.
Референтната каматна стапка сега е на ниво од 4,75 до 5 отсто, што е највисоко од 2007 година, а до крајот на годината се планира уште едно зголемување од 0,25 отсто, јавува Си-Ен-Ен.
Во денешното соопштение челниците на ФЕД признаа дека неодамнешните превирања на финансискиот пазар влијаат на инфлацијата и економијата, но изразија доверба во целиот систем.
Американскиот банкарски систем е здрав и отпорен, но неодамнешните случувања веројатно ќе резултираат со построги кредитни услови за домаќинствата и бизнисите и ќе влијаат на економската активност, вработеноста и инфлацијата, се вели во соопштението.
Претставниците на ФЕД сега предвидуваат подлабоки намалувања на економијата во следните две години и веруваат дека реалниот БДП ќе порасне за 0,4 отсто оваа година, што е намалување од претходните проекции од 0,5 отсто. Следната година предвидуваат дека економијата ќе порасне за 1,2 отсто, што е за 0,4 отсто помалку од она што го најавија во декември.
Невработеноста се очекува да биде помала од очекуваната и до крајот на годината да падне на 4,5 отсто, од проектираните 4,6 отсто во декември.
Спротивно на тоа, инфлацијата би можела да остане повисока од очекуваното, а претставниците на ФЕД предвидуваат дека оваа година би можела да достигне 3,3 отсто.Претходно се предвидуваше дека инфлацијата ќе биде 3,1 отсто во 2023 година, а целта е сè уште да се намали на два отсто.