По предлог на пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски, Љупчо Пренџов, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет се најде Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, по скратена постапка.
Опозициската СДСМ, обвинува дека со измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ, се укинува контролата на јавните набавки од Бирото за јавни набавки. Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предложените измени на Законот за јавни набавки се ‘несоодветни и се чекор назад бидејќи со нив се елиминира контролата на Бирото за јавни набавки и составот на комисијата’.
Филипче во денешното обраќање како претседател на Националниот совет за европска интеграција на Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Македонија, што се одржа во Собранието, рече дека ВМРО-ДПМНЕ, со т.н. реформи во јавните набавки се враќа чекор назад.
“Зошто да му правиме трик на системот? Ајде да одиме чекор напред во компатибилност со законите во Европската унија. Истовремено апелирам Владата и Министерството за евроинтеграции сериозно да поработат на реформската агенда. Веќе има неколку работи кои што не се на повидок, а се дел од обврските кои што треба да се завршат до декември 2024 година со вкупна сума која што треба да биде поддржана како дел од Планот за раст од 17 милиони евра. Тоа е да се донесе Закон за реформа на јавните финансии, потоа измена на 17 подзаконски акти за Буџетот и негово усогласување со ЕУноменклатура, измени на Закон за трговски друштва за професионализација на Управни и Надзорни одбори на државни претпријатија и пополнување на испразнети места во судство и обвинителство според годишните планови“, рече Филипче.