Фицо: Не очекувам војната наскоро да заврши, словачките војници нема да одат во Украина

Словачкиот премиер Роберт Фицо денес изјави дека не очекува брзо воспоставување мир во Украина и дека словачките војници нема да бидат распоредени во таа земја.

„Доста сум песимист во врска со брзото завршување на војната во Украина“, рече Фицо во емисијата „Саботни дијалози“ на словачката телевизиска станица STVR.

Сепак, како што изјави тој, првиот чекор кон мирот е јасно да се каже „НЕ“ на Украина во врска со нејзиниот можен влез во НАТО.

„Ако јасно кажеме дека Украина нема да биде во НАТО, тогаш тоа е првиот предуслов за завршување на војната во Украина“, нагласи Фицо.

Според него, Украина е измамена од сите оние кои зборуваат за нејзино можно влегување во алијансата.

„Русија беше измамена во ова прашање. Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше исто така излажан од сите што му ветија членство во НАТО“, додаде Фицо.

Словачка, истакна тој, исто така сака да учествува во безбедносните гаранции за Украина, но сепак одбива да испрати војници во Украина.

„Словачката Република нема да стационира војници во Украина. Сепак, можеме да помогнеме во спроведувањето на безбедносните гаранции, на пример логистички. Зборувам за логистика, како што е користењето на транспортните патишта“, рече Фицо.

Словачкиот премиер, исто така, рече дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разговара со Зеленски.

„Ако не преговараат, војната ќе продолжи. Гледам дека не сакаат да се сретнат, но чувствуваат дека ќе мора да се сретнат“, рече Фицо, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп е најдобриот кандидат за посредник во мировните преговори меѓу украинскиот и рускиот претседател.

Фицо истакна дека Словачка останува отворена за дијалог и поддршка во европската интеграција на земјата.

„Членството на Украина во ЕУ ќе ѝ помогне на Унијата како целина. Му кажав на претседателот (на Украина Володимир) Зеленски дека секогаш сме подготвени да разговараме за тоа, но со исполнување на сите услови што се очекуваат од секоја земја-кандидат“, рече Фицо.

Според него, Украина пред сè ќе мора да биде внимателна со големите земји од ЕУ кога ќе се приклучи кон ЕУ, „бидејќи тие ќе создадат вештачки пречки за влез на Украина во ЕУ“.

Во петокот, Фицо се сретна со Зеленски во градот Ужгород, во близина на словачко-украинската граница. Како што изјави, разговорот бил „конструктивен, но тежок“, но, во исто време, „беше подадена рака за подобрување на меѓусебните односи“.

„Дури и да имаме различно мислење, треба да разговараме. Ако не разговараме и ги закопаме главите во песок, само ќе ја продлабочиме оваа криза. Наша должност е да направиме сè што е можно за да се осигураме дека двете земји што живеат една до друга добро соработуваат“, додаде Фицо.

Несогласувањата, објасни тој, се појавиле во врска со нападите врз енергетската инфраструктура и снабдувањето со руски енергетски производи преку украинска територија.

„Воопшто не разбравме што се случува во врска со нападите врз нафтената инфраструктура. Г-дин Зеленски ми рече дека кога Русија ја напаѓа инфраструктурата во Украина, тие имаат право да ја нападнат инфраструктурата на руска територија. Добро, но тогаш тие ни штетат и нам“, нагласи Фицо.