Фон дер Лајен: ЕУ и САД мора да ги заштитат демократиите и слободниот свет 

 Европа и САД имаат визија за модерен свет во кој демократијата, слободата, безбедноста, можностите, образованието и благосостојбата се универзални вредности и имаат должност да ја обликуваат таа иднина заедно, изјави доцна синоќа по европско време претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето во Инстутот „Хадсон“ во Вашингтон. 

Сепак, според неа, случувањата изминативе недели на Блискиот Исток и последните години во Источна Европа, покажуваат дека борба за овие универзални вредности станува поакутна од кога било досега. 

– Нашите демократии се под постојна и системски напад од оние кои ја мразат слободата, бидејќи таа го загрозува нивното владеење. Веќе повеќе од 600 дена нашите пријатели во Украина се борат и гинат за својата слобода против руската агресија и сега Израел го претрпе најтешкиот терористички напад во својата историја и најлошото масовно убиство на Евреи по Холокаустот. Овие две кризи, колку и да се различни, ги повикуваат Европа и Америка да заземат став и да застанат заедно. Владимир Путин сака да ја избрише Украина од картата. Хамас, поддржан од Иран, сака да го избрише Израел од картата. Мора да ги заштитиме демократиите, потенцира Фон дер Лајен. 

Според неа, како што јави допсиникот на МИА од Брисел, терористичка организација Хамас поддржана од „нејзините пријатели во Техеран“, никогаш нема да запре со остварување на својата експлицитна цел да го искорени еврејското население од Светата земја. 

– Затоа, Израел има право да се брани во согласност со хуманитарното право. И наспроти овој ужас, постои само еден можен одговор од демократските нации како нас – стоиме зад Израел… Тоа е најмалку што можеме да направиме за народот на Израел, како бранители на слободниот свет, каде омразата, теророт и антисемитизмот немаат место, додаде претседателката на ЕК. 

Фон дер Лајен истакна дека не само Израел, туку од теророт на Хамас страда и палестинскиот народ, додавајќи дека нема никаква противречност во солидарноста со Израел и задоволувањето на хуманитарните потреби на Палестинците.  

– Ризикот од регионално прелевање на конфликтот е реален. Хамас се надеваше дека ќе го постигне токму тоа, што може да го попречи неодамнешното и историско зближување меѓу Израел и неговите арапски соседи. Само нормализацијата на односите може да понуди мир, просперитет и интеграција на проблематичниот регион, рече Фон дер Лајен. 

Таа оцени дека иако придобивките од стабилност на Блискиот Исток се очигледни, има и такви кои сакаат повеќе насилство, како покровителот на Хамас, Иран и неговиот „воен клиент“ – Русија, која внимателно набљудува.   

– Русија и Хамас се слични. Нивната суштина е иста. Намерно бараат невини цивили, вклучително и бебиња и деца, за да ги убијат и земаат како заложници. Ова е варварски начин на борба и ако ја оставиме без контрола, оваа зараза има потенцијал да се шири, од Европа, преку Блискиот Исток и до Индо-Пацификот. Решителноста на Западот секојдневно се тестира од оние кои бараат каква било слабост. Секој успех што ќе го постигнат, ќе инспирира повеќе насилство насочено кон рушење на постојниот поредок. Поредок за чие создавање и одржување беа жртвувани толку многу животи на нашите континенти, порача Фон дер Лајен. 

Според неа, ескалацијата, сепак, не е неизбежна и нестабилноста може да се ограничи преку дијалог меѓу Израел и неговите соседи, кој може и мора да продолжи.  

– Ова време на војна мора да биде и време на непопустлива дипломатија. Тоа е заеднички американски и европски интерес. Стремежот за свет во кој преовладува слободата е нашата заедничка судбина, изјави Фон дер Лајен. 

Затоа, токму мотивирани од овој интерес, додаде таа, САД и Европа мора да го забрзаат патот на Украина кон победата, да испорачаат, да спасат животи, да стават крај на овој конфликт и да помогнат во обновувањето на Украина, чии војници ќе бидат горди бранители во НАТО.  

Според Фон дер Лајен, рускиот претседател направил стратешки грешки со тоа што верувал дека ќе го освои Киев за неколку дена, дека Европа ќе биде колеблива и неодлучна и дека ќе може да ги уценува европските земји со енергсите.  

– Но, благодарение на нашите пријатели, во САД и Норвешка, успеавме да се диверзифицираме и да се ослободиме од нашата зависност од рускиот гас за рекордно време. Така, ја средивме куќата и застанавме цврсти и обединети против Путин. Поради тоа, можевме да продолжиме понатаму. И едно е јасно, дека автократите разбираат само еден јазик, а тоа е јазикот на силата и јазикот на единството, заклучи претседателката на Европската комисија. 

Според неа, секое решение за конфликтот во Украина мора да биде трајно и да доведе до праведен и траен мир, за што на Киев му се потребни долгорочни безбедносни гаранции.  

– Украина сонува да биде во Европа и во НАТО, бидејќи знае што се залагаат. НАТО и Европската Унија се залагаат за безбедност, слобода и просперитет. Ако сакаме Украина да победи, ако сакаме Украина да се издигне од пепелта на оваа војна, ние мора да инвестираме во иднината на Украина, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ мисли токму на таква инвестиција кога вели дека ќе биде со Украина онолку долго колку што е потребно. 

Според неа, од клучна важност е САД да ја обноват финансиската и воената поддршка за Киев и заедно со ЕУ да ја направи вистинската работа за Украина. 

– Народот во Украина е подготвен да умре за нашите заеднички вредности. Тоа го прават повеќе од 600 дена. Заедно, го поттикнуваме нивниот отпор. И ова е трансатлантско партнерство во најдобар случај. Партнерство за слобода, мир и просперитет. Партнерство за заеднички вредности. Верувам дека уште еднаш должност на Европа и САД е да помогнат во обликувањето на историјата на иднината, заклучи Фон дер Лајен во обраќањето во Институтот „Хадсон“.