Форумот на жени на ЛДП: Таблетарната терапија за прекин на бременост да биде дел од позитивната листа на лекови
Цениме дека време е државата да покаже поголема грижа за репродуктивното здравје на жената, затоа бараме таблетарната терапија за прекин на бременост да биде дел од Позитивната листа на лекови, порачуваат од Форумот на жени на Либерално-демократската партија.
Воведувањето на едноставна, нехируршка метода за прекин на бременост претставува значаен чекор напред во подобрување на репродуктивното здравје на жените.
– Во насока на континуирана грижа за правата и здравјето на жените во државата, предлагаме на Позитивната листа на лекови на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да се најдат и медикаментите со кои се врши прекин на бременост под лекарски надзор и законски уредена постапка, на целата територија на државата, а воедно би се прекинало трагањето по медикаментите во соседните држави каде тие се достапни, додаваат од Форумот на партијата.
Според Цеце Петрова од Форумот планирањето на семејство значи и подобро репродуктивно здравје на жените и нивните семејства.
– Абортусот е дел од здравствената заштита на жените, а секој поединец има право на здравствени услуги по највисоки можни страндарди, вклучувајќи ги придобивките од употребата на најновите научни сознанија. Сакам да изразам задоволство од иницијативата на министерот на здравство Фатмир Меџити за ревидирање на Позитивната листа на лекови, која доаѓа после цели 13 години, како и Одлуката за формирање комисија која ќе предлага ажурирање на истата, вели таа.
Според досегашните искуства медикаментозниот абортус претставува ефикасна, безбедна и прифатлива опција за прекин на бременост.
Од осамостојувањето на државата, до денес, ниту едно средство за превенција и прекин на бременост не се нашло на Позитивната листа на лекови.
Во периодот на спроведување на проектот во рамките на ГАК Скопје, евидентно е дека скоро 70% од пациентките кои се обратиле во ГАК за абортус, по запознавање со придобивките и можните компликации, го избрале медикаментозниот метод, наспроти хируршкиот, а кај над 90% од изведените, тој бил успешно завршен.
Форумот на жените при ЛДП смета дека оваа здравствена услуга треба да им биде достапна на жените како алтернативна метода за прекин на бременост, и цени дека неопходна е потребата од внесување на таблетарната терапија со која се врши медикаментозниот прекин на бременост на Позитивната листа на лекови на товар на ФЗО.