ФОТО | ГРАДЕЖНИ РАБОТНИЦИ (НЕ)НАМЕРНО ГО ОШТЕТИЛЕ КИНЕСКИОТ ЅИД – Се обиделе да направат кратенка и со багер и ископале голема дупка

Дел од Кинескиот ѕид во централната провинција Шанкси e тешко оштетен од страна на градежни работници кои се обиделе да направат кратенка за нивните градежни работи, објави во вторникот BBC.

Две лица, 38-годишен маж и 55-годишна жена, кои работеле во близина на Кинескиот ѕид се приведени, а истрагата продолжува.

Тие ископале „голема дупка“ со проширување на постоечката празнина во Кинескиот ѕид за да може нивниот багер да помине низ неа. Полицијата вели дека тие сакале да го намалат растојанието што требало да го поминат од една до друга точка.

Исто така, се истакнува дека двајцата предизвикале неповратна штета на интегритетот на Кинескиот ѕид и безбедноста на културните реликвии.

Кинескиот ѕид, место за светско наследство на УНЕСКО од 1987 година, континуирано се градеше и обновуваше од околу 220 п.н.е. до династијата Минг во 1600-тите години, кога беше најголемата воена градба во светот.

Голем дел од она што посетителите го гледаат денес е изградено за време на династијата Минг.

Некои делови од ѕидот се оштетени или урнати со текот на годините, особено во оддалечените рурални области.