ФОТО | НАЈГОЛЕМАТА БОЛНИЦА ВО ПОЈАСОТ ГАЗА Е ПРЕТВОРЕНА ВО “МАСОВНА ГРОБНИЦА“ – Хуманитарна катастрофа, голем притисок врз Израел: “Телата се распаѓаат…“
Палестинците кои се наоѓаат во најголемата болница во Појасот Газа во вторникот ископаа масовна гробница за да ги закопаат пациентите кои починаа под израелската опсада и велат дека немаат план за евакуација на бебињата и покрај тоа што Израел објави понуда да испрати преносни инкубатори.
Израелските сили ја опколија болницата „Ал-Шифа“ во градот Газа, за која велат дека се наоѓа над подземниот штаб на милитантите на Хамас.
Хамас, владејачката исламистичка група во Појасот Газа, го негира присуството на борци и вели дека 650 пациенти и 5.000 до 7.000 други раселени цивили се заробени во комплексот на болницата, под постојан оган од снајперисти и беспилотни летала. Хамас вели дека во последните денови починале 40 пациенти, меѓу кои и три предвремено родени бебиња чии инкубатори биле исклучени по прекинот на струја.
Пет недели откако Израел вети дека ќе го уништи Хамас како одмазда за прекуграничниот напад на милитантите, судбината на опколената болница стана фокус на меѓународна тревога, вклучително и од најблискиот сојузник на Израел, САД.
Ашраф Ал-Кидра, портпарол на здравствените власти во Појасот Газа, со кого медиумската агенција Reuters телефонски контактираше во комплексот на болницата, вели дека внатре има околу 100 тела во фаза на распаѓање и дека нема начин да се извлечат.
„Планираме да ги закопаме денес во масовна гробница во медицинскиот комплекс ‘Ал-Шифа‘. Тоа ќе биде многу опасно бидејќи немаме никаква покритие или заштита од МКЦК, но немаме друга опција, а телата на луѓето почнаа да се распаѓа“, изјавил тој за Reuters и додал дека мажите додека тој зборува со медиумската агенција веќе ја копаат масовната гробница.
Триесет и шест бебиња останале во несоодверно одделение откако три починале. Без гориво за генераторите за напојување на инкубаторите, бебињата се одржуваа колку што е можно топло, наредени по осум на кревет.
Израел во вторникот објави дека нуди преносливи инкубатори на батерии за да можат бебињата да се преместуваат. Но, Ашраф Ал-Кидра вели дека досега не се преземени договори за да се изврши таква евакуација.
„Немаме ништо против бебињата да бидат префрлени во која било болница, во Египет, на Западниот Брег или дури и во окупационите (израелски) болници. Она за што најмногу се грижиме е благосостојбата и животите на тие бебиња“, вели тој.
„Окупацијата сè уште ја опсадува болницата и одвреме-навреме пукаат по дворовите. Сè уште не можеме да се движиме, но понекогаш докторите ризикуваат кога треба да им помогнат на пациентите“, вели Ашраф Ал-Кидра.
Израел негира дека болницата е под опсада и вели дека неговите сили им дозволуваат на оние внатре да си заминат. Докторите и службениците во болницата велат дека тоа не е точно. Медиумската агенција Reuters не можеше самостојно да ја потврди ситуацијата.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас откако борците на милитантната група ја пробија оградата на енклавата и дивееја низ израелските градови убивајќи цивили на 7. октомври. Израелците велат дека 1.200 луѓе биле убиени, а околу 240 киднапирани во Појасот Газа како заложници во најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на Израел.
Но, одговорот на Израел, вклучително и целосна опсада и непрестајно бомбардирање на малата, густо населена енклава во која загинаа илјадници цивили – ги вознемири земјите ширум светот. Израел вели дека Хамас е виновен за нанесување штета на цивилите бидејќи меѓу нив се кријат борци, а самиот Хамас го негира ова.
Медицинските власти во Појасот Газа, под контрола на Хамас, велат дека повеќе од 11.000 луѓе се убиени во израелските напади, од кои околу 40 отсто се деца, а безброј други се заробени под урнатините. Околу две третини од 2,3 милиони луѓе во Појасот Газа останаа без покрив над главата, не можејќи да избегаат од пренаселената територија на која снемува храна, гориво, свежа вода и медицински материјали.
Израелските сили започнаа копнена офанзива во Појасот Газа на крајот на октомври и оттогаш го затворија својот круг околу „Ал-Шифа“. Се чини дека опсадата на болницата во последните денови ги вознемири дури и најблиските сојузници на Израел.
„Се надевам и очекувам дека ќе има помалку нападни акции во однос на болниците. Остануваме во контакт со Израелците“, изјави во понеделникот претседателот на САД, Џо Бајден.
Во понеделникот, израелската Армија објави видео и фотографии од оружјето што Хамас го складирал во подрумот на друга болница, специјализирана за лекување на рак во детството. Хамас исто така го негираше тоа како невистини.
Израел го отфрли прекинот на огнот, тврдејќи дека Хамас ќе го искористи за да се прегрупира, но вели дека може да се согласи на кратки хуманитарни „паузи“.